„Квин“ ќе издаде необјавена песна од Фреди Меркјури

Рок-групата „Квин“ најави дека ќе издаде необјавена песна што пред крајот од животот ја отпеал нивниот прв пејач Фреди Меркјури. Песната ќе биде објавена во септември оваа година, соопштија членовите на бендот, Брајан Меј и Роџер Тејлор за „Би-би-си“.

„Најдовме мал скапоцен камен, оставина од Фреди на која малку подзаборавивме. Песната е одлична. Тоа е вистинско откритие, од 1989 година и мислам дека ќе излезе во септември“, рече Тејлор, тапанарот на бендот.

Меј, пак, кажал дека се плашел дека песната Face It Alone во еден миг била изгубена, но сепак ја нашле и решиле да ја објават.

„Никој не знаеше каде е. Ја баравме повеќепати и веќе мислевме дека не може да се најде. Таа е прекрасна и трогателна“, рекол Меј.

Бендот има издадено 15 студиски албуми, и речиси 100 милиони примероци продадени ширум светот. Последниот студиски албум на „Квин“ беше објавен во 1995 година, четири години по смртта на Меркјури, кој почина од сида. „Квин“ сѐ уште активно настапува со обновена постава, а во групата повремено како пејачи се менуваат Пол Роџерс и  Адам Ламберт.

Scroll to Top