Поранешниот италијански фудбалер Џанлука Вијали (58) е примен во болница во Лондон, откако му се врати ракот на панкреасот. Италијанските медиуми пишуваат дека состојбата му се влошила и дека веднаш ќе почне со третманите.
„Ова е многу деликатен момент за семејството Вијали. Неговата 87-годишна мајка синоќа замина од Италија за Лондон за да биде покрај нејзиниот син“, пишуваат медиумите.
Вијали пред неколку дена објави дека повеќе нема да работи со репрезентацијата на Италија, каде што му беше помошник на селекторот Роберто Манчини. Тогаш кажа дека му се вратил ракот и дека ќе му треба многу енергија за пак да се бори со болеста.
На легендарниот фудбалер првпат му беше дијагностициран рак на панкреасот во 2017 година, а три години подоцна објави дека ја победил болеста.