Организаторите на Евросонг покажаа како ќе изгледа сцената во Ливерпул

„Би-би-си“, кој е домаќин на 67. Евровизија, објави први фотографии од сцената во Ливерпул. На оваа сцена во мај ќе настапат 38 земји-учеснички. Сценограф е Хулио Химеде, кој откри дека го засновал својот сценски дизајн на принципите за заедништво, славење и заедница.

„Архитектурата е инспирација од широката прегратка, отворајќи ги рацете кон Украина, изведувачите на шоуто и гостите од целиот свет. Се фокусирав на културните аспекти и сличностите меѓу Украина, Обединетото Кралство и конкретно Ливерпул. Од музика, танц и уметност до архитектура и поезија“, рекол Химеде за „Би-би-си“.

Хулио додал дека негова должност како дизајнер била да ги подобри изведбите на пејачите преку привлечен визуелен пејзаж, но истовремено да ги долови срцето и душата на Евросонг.

Сцената е поставена на 450 квадратни метри, но обединува уште 220 квадратни метри видео екрани кои независно се движат и се вртат, како и преку 700 видео плочки интегрирани во подот и повеќе од 1500 метри ЛЕД светилки.

„Сакавме сценографија што луѓето ќе ја паметат со години. Многу ни е важно делегациите да имаат најголем можен простор за работа. Сакавме да им дадеме сет што има многу опции за поставување“, рекол Ендру Картмел, извршен продуцент на натпреварувањето.

 

Scroll to Top