Денеска во Скопје почна снимањето на македонскиот игран долгометражен филм „Ефектот на среќа“ (The Happiness Effect).
Филмот ја следи приказната на младата Леа, која се бори за своето здравје и преиспитувајќи го својот живот почнува невообичаена потрага по среќата, ефектите од неа врз другите луѓе и можноста од нејзино ширење и мултиплицирање. Филмот е урбана драма која ја обработува универзалната потрага по среќа и барањето на смислата на животот. Режисер и сценарист е Борјан Зафировски, а соработник на сценариото е Дејан Дуковски.
Главните улоги ги толкуваат Дејана Поповска, Сашко Коцев и Ана Стојановска, а во останатите улоги се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. Филмот ќе се снима во следните 30 денови, на локации во Скопје и Охрид.