Промовирана нова музичка фолк сликовница „Јовано, Јованке“

„Фолконика“ – Центар за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца  ја промовираше новата музичка фолк сликовница за деца „Јовано, Јованке“. Фолк сликовницата ја илустрира народната песна со ист наслов и е втора во серијалот сликовници, што ги објави „Фолконика“.

На промоцијата, која се одржа во Детската градинка „Срничка“ – Објект „Чкорче“ во Општина Аеродром, Скопје, зборуваше Душко Георгиевски, популарен фолк пејач, во улога на претседател на „Фолконика“, кој го изрази задоволството од печатењето на новата музичка фолк сликовница, потенцирајќи го големото значење за пренесување на музичкото фолклорно богатство на најмладите и со тоа негово зачувување.

Новата сликовница, е продолжение на нашата заложба да дадеме придонес во негувањето на македонската музичка фолк ризница. Среќни сме што успеавме да додадеме уште еден наслов, а работиме посветено и на изработка на нови сликовници. Сметаме дека со збогатување на детското издаваштво, со вакви уникатни сликовници, ќе овозможиме децата  да читаат, пеат народни песни, а воедно да градат и естетски и културни вредности, како млади личности, бидејќи сликовниците претставуваат спој на народна песна и уметнички дела на македонски ликовни уметници. За да го зачуваме музичкото културно наследство, треба да тргнеме од најмалите. Затоа се трудиме да најдеме интересни форми да го доближиме на новите генерации на  деца“, рече  Георгиевски.

Изборот, за народна песна, како наслов за  сликовницата,  е произлезен од Проектот „Испеј народна песна-напиши фолк сликовница“, кој го реализираше „Фолконика“ во изминатиот период.

„Фолконика“ најавува промоција на сликовницата „Јовано, Јованке”. Првата музичка фолк сликовница беше издадена во 2021 година, под наслов „Слушам кај шумат шумите“.

Scroll to Top