Вечерва во Валандово почнува 32. издание на најстариот и најреномиран фестивал на новосоздадени македонски фолк-песни „Валандово 2017“. Првата фестивалска вечер ќе биде ревијална, а втората е со натпреварувачки карактер.
Поради забраната за ЗАМП за емитување македонска музика, фестивалот не се одржа минатата година, па годинава ќе настапат изведувачите со песните со коишто требале да се појават лани. На сцената на Валандово вечерва ќе настапат: Виолета Томовска, Перо Христов, Нино Величковски, Петар Нечоски, Благица Калева, Душко Георгиевски, Анета и група „Молика“, Јордан Митев, Кирил Митоски, Елена Велеска, Влатко Лозаноски-Лозано, Мите Стоилков, машката пејачка група на „Танец“, Јовица Наумчевски…
На втората, натпреварувачка вечер, ќе бидат изведени 18 нови песни, а ќе настапат: Ленче и Горан Кукиќ, Ибуш Ибраимовски, Кате и „Нели ти реков“, Горан Тодоровски, Јасмина Гуњова, Сања Петковска-Сани, Кирил Митоски, Ани Малинкова и други.
Настапите на двете фестивалски вечери ќе бидат во живо, а пејачите ќе настапат во придружба на голем фестивалски оркестар. Најдобрите ќе ги избира публиката со телефонско јавување и жири-комисија, а ќе бидат доделени и награди за најдобра интерпретација, аранжман, сценски настап и за најдобар дебитант.
Водители ќе бидат Ели Танаскова и Зоран Георгиев.