Од детството во населбата Тафталиџе, каде живее и денес, преку средношколските денови во гимназијата “Јосип Брзо Тито”, па сè до студиите и патувањата низ светот, Александар Ношпал, е еден од нашите врвни дизајнери и костимографи.
“Ја сакам костимографијата затоа што е најблиску до високата мода. За жал високата мода веќе одамна е во изумирање“, вели Ношпал кој по 15 години се врати на модната сцена. Без оптеретување за да се докаже, оти веќе е изграден дизајнер, вели дека е среќен што мини-колекцијата во соработка со онлајн продавницата Митра – Ношпал Митра Limited Edition, е приказна за која се зборува.
“Во ова тешко време, кога и јас по толку патувања и работа одеднаш останав без приходи и да седам дома, новата колекција е навистина нешто што ме радува“, вели модниот дизајнер кој долги години работи како костимограф во МОБ.
Низ муабетот дознавме сешто: За фустанот на Тамара што лани го дизајнираше за Евросног, па и оној за Парадата на гордоста, преку нивните дружби, до белиот мантил на Тоше за кој вели: “Да тој костим наиде на критики, па и до ден денес, ама тоа беше негова желба, и кога пееш сериозна песна, не можеш да се појавиш во стил на Сакис Рувас“. Од детството до студиите, за родителите и братот, од љубовта кон модата до излегувањата, зошто Надица Герогиева и Веда Ефтимова се заштитни лица за новата колекција, скапи ли се моделите или не, за критиките, за која политичарка дизајнираше венчален фустан… Гледајте го интревјуто.
Александра Георгиев