Андријана Поп-Арсова: Паднав во агонија на 12 километри пред целта

Со време од 3.05.04 секунди Андријана Поп-Арсова го постави новиот државен рекорд за жени во маратон. Таа истрча 42 километри на Скопскиот маратон и за две минути го подобри пласманот од лани. Андријана е од Виница. Оваа 28-годишна девојка од пред пет години се занимава со атлетика, па освен што трча за репрезентацијата на Македонија, таа е член на атлетскиот клуб „Делта“.

Вели дека воопшто не е лесно да се истрча маратон, особено последниот, кој се одржуваше на 6 мај, кога температурата беше над 20 степени, температура што воопшто не е погодна за трчање.

„За нас, атлетичарите, идеална температура е 15 степени. Овој пат беше многу топло и тоа дефинитивно ги отежнуваше условите. Но, имав голема волја да ја освојам целта и да го подобрам резултатот од лани“, вели Поп-Арсова.

 

Тоа што го постави новиот државен рекорд ја прави среќна. Вели дека иако ова ѝ била најтешката трка, но поради публиката, која цело време ја бодрела, успеала да ги истрча последните 12 километри.

„Тогаш ме фати криза. Веќе бев во агонија, изморена. Но, публиката нè бодреше. Вербата што ја имав во себе ми помогна. Последните минути веќе не го чувствував телото, ама сепак на крај успеав“, открива маратонката.

За маратонот се подготвувала неколку месеци. Вели покрај секојдневните тренинзи и вежби, била и на посебен режим на исхрана, што подразбирало многу течности и јаглехидрати.

Андријана вели дека сè уште чувствува болки по целото тело од трчањето, па деновите ги користи да се одмори. Таа ни кажа и дека се радува на новите предизвици, освен со репрезентацијата, со која повремено настапува, уште од сега размислува за следниот маратон.

Александра Георгиев

Scroll to Top