Голманот на ракометната репрезентација на Македонија, Борко Ристовски, набргу ќе го добие своето прво дете. Синот ќе се вика Душан како неговиот покоен татко.
„Предлогот за името беше мој, а Николина го прифати. Мојот покоен татко се викаше така. Сакавме во името на нашиот син да има симболика, значење“, вели Борко во интервју за „Репортер“.
Тој и Николина се венчаа во матично по неговото враќање од Хрватска, а свадбата ќе ја прават кон крајот на годината.
„Се регистриравме и сега ни останува повеселиот дел, да направиме свадба. Јас не сум многу по адетите, ама кога се прави свадба, жените го имаат главниот збор. Јас ќе прифатам сè што ќе сака да направи Николина.“
Последните неколку години Борко практикува јога. Тоа е еден од ритуалите пред секој натпревар.
„На денот на натпреварите станував порано за да вежбам јога. Мислам дека ми помага физички за полесно да го поднесам тој напор. Јогата ми дава ментален мир, поинаква физичка сила од она што го тренирам на тренинзите,“ ни раскажа тој.
Друг ритуал се муабетите со баба му, на која ѝ се јавува пред секој натпревар.
„Можеби е малку смешно, ама го правам тоа во последниве 10-12 години“.
По секој натпревар на Европското првенство, коментарите беа различни – публиката некогаш го фалеше, а некогаш го критикуваше.
„Секогаш треба да барате и целите кон повеќе. Дали можев подобро? Да! Дали можеше Македонија повеќе? Секако, да! Ако се задоволувате со тоа што ќе го направите, нема да стигнете далеку. Јас сум некогаш незадоволен од себе, дури и на меч на кој добивам признание за најдобар играч.“
Кон средината на годината Македонија ќе одигра два бараж-натпревара со репрезентацијата на Романија. Ако победат, ракометарите ќе се пласираат на Светското првенство што ќе се игра во јануари 2019 година во Германија и Данска.
„Јавноста и дел од новинарите веќе одлучија дека ние сме пласирани на Светското првенство. Поквалитетни сме од репрезентацијата на Романија, но мора да сме внимателни. Нивниот тренер ја предводи „Барселона“, имаат неколку играчи што играат во силни европски лиги. Треба да се почитува секој противник, да се цени, а ако, не дај боже, не се пласираме, треба спортски да им честитаме.“
Андријана Јовановска