„Фолиравме со бендот дека ‘442 до Београда’ е песна и за Скопје“ – со Бајага пред славеничкиот концерт

Момчило Бајагиќ – Бајага е омилениот пејач на многу генерации. Не само на оние кои со него созреваа во времето на поранешна Југославија, туку и на помладите. „Ние сме како ‘Политикин забавник’, од 7 до 77“, вели Бајага, кој и на 60 години изгледа како дечко.

На 13 септември на стадионот на АРМ со своите „Инструктори“ ќе има славенички концерт, во организација на „Авалон“. Поводот е 35 години на музичката сцена, иако Бајага е подолго оти почна да свири со „Рибља чорба“.

„Па ние поминевме сешто. И убави времиња и војни. Време е да ги разбиеме сите малери. Нека почне од Скопје. Ова ми е прв настап по карантинот“, ни открива Бајага, кој и денес со бендот има по 200 концерти годишно. „Кога почна ова со пандемијата, не знаев што да правам сам со себе. Не сум навикнат да сум дома“, додава познатиот српски музичар.

Низ разговорот со него се вративме малку низ времињата, кога со бендот не излегувале од комбе, оти постојано биле по патишта и настапи. Од приказната за познатата „442 до Београда“, дестинацијата во километри од Скопје до Белград и кој е митот за оваа песна, до популарната  „Пада Влада“ оти сега „од коронова никој нема време за политика“. Низ разговорот за убавите времиња во Југославија, но и тешките моменти, распадот и војната. За отсуството од дома и сопругата, откажаните концерти, ноќите во карантинот… По интервјуто ни рече дека оди на ручек, па на прашањето што нарачува во кафеана кај нас вели: „Кога сум тука, од предјадењето, како пинџури, ајвари, пиперки на илјада начини, ќе се најадам и кога ќе дојде месото на крај, веќе не можам“, се шегува Бајага.

Александра Георгиев

Scroll to Top