Иван Босиљчиќ: Не сум строг татко

Српскиот актер Иван Босиљчиќ на крајот на април ќе одржи два концерта во Скопје и еден во Струмица, во организација на „Нова тавел“.

„Неколку стихови за нас“ ќе биде вечер во која актерот ќе пее и ќе глуми. Ќе рецитира и поезија, а меѓу нив и песна од Анте Поповски, неговиот омилен македонски поет. Тој е сопруг на популарната српска пејачка Јелена Томашевиќ, која речиси секогаш доаѓа на  неговите концерти, но само во публика, како поддршка. Тие неодамна прославија седум години брак. Ја имаат ќерката Нина.

„Чекаме добар момент за да направиме нешто заедно со Јелена. Можеби  песна или претстава во која ќе се сретнеме заедно. Најверојатно е дека јас ќе се појавам во спот кај неа, Јелена има одлична идеја за нов проект“, рече Босиљчиќ во интервју за „Репортер“.

Во пресрет на концертите во Скопје и Струмица, вели дека со нетрпение ги очекува.

„Таму каде што не можам да се изразам актерски,  почнувам да се изразувам музички. Мислам дека зборовите се многу моќни. А таму каде што престануваат зборовите, почнува музиката. Тоа ќе ѝ го покажам и на публиката“, вели актерот.

Тој ни раскажа дека во средно училиште имал свој бенд, а потоа се запишал на драмска академија во Нови Сад. Првите улоги му биле во театар, претежно мјузикли, каде што повторно и глумел и пеел.

„Актерската професија е толку широка, што може да обедини сè. Во театар најтешко ми беше да го играм Мане во ‘Зона Замфирова’, тешко ми беше да го совладам јазикот, јужњачкиот акцент. А од филмските, тоа беше улогата во серијата ‘Сета таа рамица’ каде што глумев циган-боксер. Не може да е подалеку од мене и мојот карактер“, раскажа тој.

Додека студирал, бил голем комичар, па колегите од неговата генерација биле зачудени кога почнал да ги прифаќа улогите на романтичар во „Ранетиот орел“, „Непобедиво срце“ и „Гревот на нејзината мајка“.

„Зборувавме за љубов, додека сите раскажуваа за војни. Сакам да верувам дека со тие приказни на народот му ја вративме вербата во љубовта, макар малку“, вели Иван.

Деновиве Иван ја сними песната „Нина“, посветена на неговата 6-годишна ќерка.

„Во прашање е стар детски фестивал. Ме поканија да пеам. Им реков, не ме викајте, не можам, имам некое симање во Русија. Всушност, може ли да напишете песна за ќерка ми Нина, да ѝ ја подарам неа за цел живот да ја има. Им се допадна идејата. За три дена ми стигна фантастична песна. Непроценлив момент кога ѝ реков: ‘Душо имам подарок за тебе, ќе ти подарам песна’. Нејзината реакција не се опишува“.

На прашањето, кој повеќе ѝ попушта на ќерката, дали тој или неговата сопруга Јелена, Босиљчиќ вели:

„Сега мора да признаам дека јас попуштам повеќе. Долго време се трудев да бидам строг. Ама не ми оди. Не ми оди. Во последно време јас попуштам. Па што?! Нема ништо лошо во тоа. И понатаму ќе продолжам да ѝ попуштам на мојата ќерка“, вели актерот.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top