Ивана Нолчева, пиар на „Авалон“: Македонката што се дружи со Енрике Инглесијас и Стинг

Ивана Нолчева е една од ретките кои имаат можност да се дружат со најголемите светски музички ѕвезди. Веќе три години таа е пиар на „Авалон продукција“. Во овој период се запозна со Стинг, Енрике Иглесијас, Дејвид Гета, Ера Иштрефи, Џон Њуман, Симпли ред и многу други. Нејзините блиски велат дека таа ја има најинтересната работа на светот.

„Привилегија е да се работи оваа работа. Непроценливо е чувството кога ќе те гушне некоја од познатите светски ѕведи. Имам наплив на емоции, адреналин. Ама не можам да бидам како другите фанови, затоа што мора да си ја завршам работата професионално, па дури потоа да уживам во концертот“, раскажа Ивана во интервју за „Репортер“.

„Авалон продукција“ годинава слави 25 години постоење, а јубилејот ќе го одбележат со 25 концерти што ќе се одржат во текот на оваа година. Меѓу концертите што се најавени се и оние на Брајан Фери, Ален Вокер, Тексас, Роџер Санчез, Новел Ваг, Џетро тал, Ѓорѓе Балашевиќ и други. Дел од нив веќе се одржаа, а за неколку концерти што се планирани за крајот на годината, имињата на изведувачите ги чуваат во тајност.

 

„Бобан Милошески е вистинска енциклопедија, има многу интересни приказни од овие 25 години. Понекогаш се сеќава и на првиот концерт со ‘Електрични оргазам’ што го организирале со брат му Даниел во ‘Куршумли ан’“, вели Ивана.

Концертната година Авалон ја почнаа со седумте распродадени концерти на Каролина во МОБ, кога пејачката го промовираше последниот албум „Извор“.

„Каролина не е само ексклузивец на Авалон, туку е и семејно поврзана со Бобан. Меѓу нас постои огромна доверба и заемна љубов. Заедно работиме 20 години, а последните 10 години се без договор“, вели Ивана.

За концертите што ги организираат годинава, „Авалон“ доби финансиска помош од Министерството за култура, по што имаше многу негативни реакции од јавноста. Многумина коментираа дека како фирма добиле пари за јубилејот. „Парите не се за јубилејот, ние не правиме забава со пиење и кетеринг, туку ги добивме за концертите што ги организираме. Тие не покриваат ни 5 отсто од трошоците што ги има ‘Авалон’ за оваа концертна сезона. Фестивали како Егзит, Сигет, Лавфест, добиваат многу пари од државата, од градот. Тоа го развива концертниот туризам, доаѓаат луѓе од соседството кои сакаат да бидат дел од овие фестивали“, вели Ивана. Таа додава дека веќе се договараат концерти и за 2019 година.

Од сите концерти што ги организирале досега, најголем предизвик им биле Стинг, Енрике и Боб Дилан. Имаат и многу желби за тоа кого сакаат да донесат во Македонија во иднина.

„Нема лесни и тешки концерти, кој и да дојде работата мора да се заврши професионално“, вели таа.

Андријана Јовановска

Scroll to Top