Јелена Томашевиќ: „Попуштањето на децата не е одраз на љубов“

Српската пејачка Јелена Томашевиќ деновиве престојуваше во Скопје. Таа беше специјална гостинка на концертот на Жељко Јоксимовиќ што се одржа минатиот викенд во арената „Борис Трајковски“. Јелена и Жељко се долгогодишни соработници, но и пријатели, а Жељко е автор на нејзиниот прв албум „Панта реи“, кој Јелена го издаде веднаш по учеството на „Евровизија“ во 2008 година.

Со Јелена се дружевме во арената, веднаш по нејзината тонска проба.

„Да, време е да направам солистички концерт во Македонија. Мислев дека поскоро ќе ја реновираат Универзална сала, која за мене е совршено место за концерт“, ни рече таа.

Неодамна Јелена најави дека ќе сними нов сингл и дека во спотот главната улога ќе ја има нејзиниот сопруг, актерот Иван Босиљчиќ.

„Кај нас дома е секогаш забавно. Иван сака да пее. Нашата ќерка Нина наследила талент и од него и од мене. Порано беше многу послободна, ама сега се срами да пее и вели дека кога ќе порасне сака да биде сликарка“, рече Јелена.

Вели дека ни таа ни Иван не се строги родители, но дека таа е малку понежна со Нина.

„Родителите често им попуштаат на децата. Попуштањето не е одраз на љубов. Љубов е да го сакате детето безрезервно и безусловно, но тоа да знае каде е границата зашто само така ќе научи што е авторитет, но и како да се однесува во животот“, додаде пејачката.

Томашевиќ често доаѓа во Македонија, и приватно, но и заради соработката со Дарко Димитров.

„Освен прекрасното културно наследство, народот е заслужен за љубовта што ја добиваме кога пееме, народот е срдечен, топол, знае да покаже емоции. А јас ги сакам народните изворни македонски песни и со Дарко имам одлична соработка, па едвај чекам некоја следна соработка со него“, рече Јелена.

Андријана Јовановска

Scroll to Top