Кристина Димитријевска: Ги тепав машките кога ќе ми кажеа дека сум убава

„Како мала тренирав карате, и кога некое машко ќе ми кажеше дека сум убава, јас го тепав. Тоа ми беше понижување, не смееше тоа да ми го каже. Потоа со татко ми почнав да гледам избори за убавина и тој ме научи дека треба да бидам женствена“, открива манекенката Кристина Димитријевска во интервјуто за „Репортер“. Ретко кој знае дека од татко ѝ ја наследила и насмевката, па му ја пренела и на својот син Давид, кого го има од бракот со пејачот Даниел Кајмакоски. Давид ѝ е сè, а за поранешниот маж, со кого го има синот, не сака да зборува многу. Вели дека и денес се чуди што лани летото Даниел ја обвини дека пробала да го отруе со кафе.

„До сега не сум зборувала за ова јавно. Тоа беше само една лажна манипулација што ја решив преку надлежните органи. Луѓето што сакаат да изманипулираат и наштетат, само на себе можат да си наштетат“, рече Кристина за „Репортер“.

Додека седевме во нејзиниот омилен ресторан во Скопје, зборуваме за изборите за убавина на кои учествува повеќе од десет години. Но и за круната што ја освои лани, кога стана Мис карантин на светот. Вели: „Сакам да сум последна девојка со ваква титула, а на светот да не му се повтори короната“.

Покрај тоа што манекенството ѝ е прва љубов, таа пред неколку месеци стана пејачка. Сега скоро секој викенд пее во клубовите низ Македонија, а на настапите секогаш е заедно со диџеј Боно, кого го запознала пред четири месеци. Тие заедно работат и на нивната прва песна.

„Иако се знаеме толку кратко, имам чувство дека се познаваме со години. Поради таа близина, која се гледа и на сликите, најверојатно се појавија муабетите дека сме во љубовна врска“, ни кажа Кристина.

Во разговорот ни откри и како реагираат девојките и жирито на изборите за мис кога ќе дознаат дека е мајка. Зборувавме и за родителите, зошто одбила да се пресели во Америка, како се снаоѓа во кујната, зошто диџеј Боно бил опседнат со неа пред да се запознаат, каков шофер е и за колку часа најбрзо стигнала од Белград до Скопје… Гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

Scroll to Top