Македонската фудбалерка Наташа Андонова (25) е една од ретките кај нас кои играат фудбал во светски фудбалски клуб. Вели дека откако знае за себе таа игра фудбал. И додека нејзините другарки играле со кукли и Барбики, за Наташа топката била омилената игра.
Родена е во Неготино, ама фудбалот ја донесе во најтрофејниот женски фудбалски клуб „Леванте“. Претходно таа играше две години во „Барселона“ од каде носи и победи и голови и спомени.
„Задоволство е кога играш пред 60-илјадна публика“, вели Андонова, која е најдобрата македонска фудбалерка што игра за светски клуб.
Наташа почнала да игра фудбал како дете. Вели, заедно со сестра ѝ го засакале фудбалот поради нивниот татко, кој е поранешен фудбалер. Всушност сите во нејзиното семејство играат фудбал. На почетокот тренирала само со момчињата од нејзиното маало, оти девојките каде што живеела не играле фудбал.
„Машките никогаш не ми попуштаа. Тоа е затоа што во тоа време бев најдобра, па сите сакаа да играат во мојот тим. Секогаш победував“, се сеќава Наташа на почетоците.
Таа пред неколку дена потпиша договор за шпанскиот клуб „Леванте“. Среќна е што од следната сезона ќе настапува за еден од најтрофејни женски клубови во Европа и се надева дека со нив ќе ја освои шампионската титула.
За нејзиниот пат од „Тиквешанка“ до „Леванте“, за средбите со Лионел Меси и Џулија Робертс, за натпреварите пред преполниот стадион каде фудбалот е сè… гледајте го видеото.
Андријана Јовановска