Маж ми не е Балканец за да ми љубомори на кариерата

Фолк-пејачката Сузана Гавазова на музичката сцена е одамна. Секогаш дотерана, провокативна и секси. Сопруга, мајка на две деца. Секогаш привлекува внимание и со музиката, но и со стилот на облекување на сцена.

Последниве години таа живее во Шведска со сопругот Јасмин и со децата. Често патува, постојано е на настапи, но вели дека сопругот Јасмин ѝ е најголемата поддршка во сè што прави, особено кое е во прашање нејзината кариера. Таа раскажува дека тој ниту е љубоморен, ниту, пак, некогаш ја сопирал во она што го работи.

„Јасмин е свесен со кого се ожени. Тој со години живее во  Шведска, па го нема во себе тој балкански менталитет. Не е љубоморен, има доверба во мене. Кога ќе размислам, на почетокот јас бев љубоморна. Па доаѓам од Балканот, тоа ни е својствено нам. А  и нему не му беше јасно зошто понекогаш реагирам љубоморно. Ама по многу години поминати заедно, сфатив дека ни јас немам потреба за љубомора. Бракот треба да се базира на љубов и доверба за да биде успешен“, рече Сузана во интервју за „Репортер“.

Таа оваа година повеќе ќе биде во Македонија отколку во Шведска. Тука подготвува нова музика, ама и сака да помине повеќе време со семејството. Кога е дома, во Шведска, вели дека секое утро им го посветува на децата, а потоа си посветува време на себе.

„Откако ќе ги однесам децата во градинка, трчам или одам во фитнес-центар. Имам време за сè, и да ги завршам домашните обврски, и да се грижам за ќерките, и да внимавам на себе. Сега ми е полесно, кога децата потпораснаа. Родителите и сестра ми ми помагаат кога сум тука, а јас сум послободна да се посветам на кариерата“, ни раскажа таа.

Најтешко, сепак, ѝ било кога морала да замине на турнеја во Австралија и да ги остави децата еден месец.

„Со сопругот двајцата бевме во Австралија. Цело време плачев, ми беше тешко. Сопругот ми велеше да не бидам патетична, оти ќе се гледаме цело време на ‘вибер’,“ вели таа.

Сузана пее веќе 20 години. Кариерата ја почнала со групата „Пицикато“, а првиот настап го имале на „Фолк фест Валандово“.

„Мислам дека фестивалите ‘умреа’. Ние следиме што се случува на светската сцена, па кога ќе го споредам тоа со нашата, многу е посиромашно. Треба да се вложува, фестивалите да имаат помодерна сцена, ама и пејачите да се потрудат да изгледаат светски, да имаат кореографија. Здодевно е да гледаш како пејачот само стои пред микрофонот и пее, тоа време помина. Потребен е перформанс“, додава Сузана.

И покрај пишувањата на медиумите дека меѓу неа и Елена Велевска постои ривалство, Гавазова вели дека се пријателки.

„Постои натпреварувачки дух, кој да биде подобар, но во однос на музиката. Отсекогаш така функционираме. Јас, Елена и Јасмина Мукаетова на времето буквално трчавме, не одевме, толку бевме активни. Треба да има конкуренција“, рече таа.

Андријана Јовановска

Scroll to Top