Македонскиот пејач Филип Пецовски на прва ја освои и публиката во регионот, но и жирито во музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“. По првиот настап, кога ја крена публиката на нозе и пееше на бис за жирито, и Марија Шерифовиќ и Јелена Карлеуша сакаа да му бидат ментори. Двете му рекоа дека од него ќе направат ѕвезда, ама Филип реши да учи за музиката од Јелена. „Отидов во Белград по Карлеуша“, ни рече тој низ смеа.
„Пред настапот од дома ми рекоа да бидам мирен затоа што жирито ќе ме слуша, но нема да ме гледа. Ама кога излегов на сцената, веднаш ме понесе атмосферата, се исклучив и почнав да играм, да пеам. После настапот коментарите од жирито беа дека досега некој на прв настап толку не успеал да ја крене публиката,“ раскажа пејачот за „Репортер“.
Јелена не крие дека Филип е еден од нејзините миленици во шоуто. На неговите настапи игра енергично, пее со него и го бодри на цел глас. Таа дури и го натера да пее додека прави склекови, затоа што Филип работи и како фитнес тренер.
„Јелена е многу културна, фина, многу интелигентна жена. Родена е за шоу-бизнис, а јас знам дека можам да научам многу од неа“, ни рече тој.
За аудицијата на која дошол од Лондон, каде што живее последните две години, за фитнесот кој му е професија, за љубовта, девојките и непристојните предлози, погледнете го видеото.
Андријана Јовановска