Скопје беше мека на денс сцената, истите ѕвезди настапуваа и на Ибица и кај нас: Антена 5 радио, приказна која трае 28 години

Скоро 30 години Антена 5 е меѓу најслушаните радија во Македонија. Приказната што почна во 1994 година, кога Зоран Петров, Марјан Гушев и Коста Јаневски решија да направат радио кое наместо народна музика и детски емисии ќе пушта светски хитови, трае и денес. Први известуваа во живо од доделувањето на Ем-ти-ви наградите, се журкаа на Егзит и Си денс фестивалот, а направија и преку 1000 интервјуа со светски ѕвезди.

Во разговор за „Репортер“ Зоран Петров, познат и како диџеј Дајнамајт, Соња Панда и Мартин Делимитов, се потсетија на почетоците и како скопското радио со фреквенција 95.5 стана омилено на многу генерации низ цела Македонија.

„Нè препознаваа, успешно покриваме настани и журки што ни беа интересни, се јавувавме во живо во програма и во еден момент се надминавме себеси. Постоевме само осум месеци кога екипа од радиото отиде во Берлин да ги покрива во живо првите Ем-ти-ви награди“, вели Петров, кој со години ја водеше емисијата „Чао Антена“ и е еден од сопствениците на радиото.

„Вие слушате Антена 5 радио“, е џинглот кој се слуша и денес, а прва го кажа Ени Ленокс. По неа, речиси и да немаше светска ѕвезда, која не го повтори препознатливиот слоган на скопското радио.

Специфичниот глас на Соња Панда 24 години е во етерот. Таа и денес е дел од екипата и ги прави повеќето интервјуа со светските ѕвезди. Вели, одамна нема трема кога ќе се сретне со некоја од најголемите музички ѕвезди.

„Чувствувам некоја возбуда и тоа ми се случи кога го интервјуирав Пол Велер. Со Мик Џонс, пак, од славните Клеш, кога се сретнавме во Лондон и му кажав дека сме од Македонија, почна муабет за античкото минато на овие простори, па ми вели: ‘Вие сега имавте избори, што се случи?’. Тоа се работи што ме изненадуваат“, рече Соња, која кариерата ја почна на телевизија во ’90те.

Своја Антена-приказна има и диџеј Мартин, кој се грижи за музичкиот избор во радиото. „Ми беше неверојатно што на 18 години ми дадоа да пуштам музика на милион луѓе што го слушаат радиото“, се сеќава тој на почетоците. Често со екипата на радиото патува на фестивалите во регионот и на шега вели: „Се мразиме сите меѓу себе, само на радио се смееме еден со друг, а се оговараме позади грб“.

Ни раскажаа и за фестивалот Галицко, кој се одржа неодамна, а во чест на починатиот диџеј Ицко, кој долги години беше дел од Антена 5.

Како е да е интервјуираат светските ѕвезди и дали некој ја разочарал Соња, што значи да си член на академијата на Британските награди, како Зоки одлучувал кој ќе добие награда во главните категории, имаат ли конкуренција, со еден збор како Антена 5 стана култно радио… гледајте го интервјуто.

Андријана Јовановска 

Scroll to Top