Слаткар: Моша личи на мене, ама во карактерот е на Сања

Марко Маринковиќ Слаткар веќе две децении години е меѓу најпопуларните хип-хоп музичари во Македонија. По две години пауза тој промовираше десетина нови песни, а една од нив е и „Аман аман“ во чиј спот две девојки се бакнуваат. Лезбиските сцени во видеото предизвикаа негативни реакции, а Слаткар добиваше и навредливи пораки со говор на омраза. Но, вели, тоа е сè дел од работата и секој има право да коментира.

„Видеото нема врска со песната, таа е направена за несреќни врски. Пред да снимаме запознав девојка што дома кажала дека има девојка и ја избркале, светот ѝ беше срушен. Нејзината судбина ме растажи и затоа сакав да ја раскажам човечката приказна. Јас имам мало дете и не знам што би можело да ме натера да си го избркам детето од дома, посебно ако е љубовен избор што мене не ми се допаѓа“, рече Слаткар за „Репортер“.

Иако не може без музика, на прво место му се сопругата Сања и синот Моша, кој наскоро ќе полни три години. За синот пишува и песна, а ќе ја промовира на неговиот роденден, со видео во кое ќе има снимки од денот кога се родил до денес.

„Моша е главен дома. Тој е палаво дете, бесно, личи физички на мене, ама во карактер цел е на Сања. Видеото го имаме во нашите телефони, снимки и негови слики, само некој треба да ги склопи. А за Сања уште првата недела знаев дека ќе ми е жена“, искрен е Слаткар.

Ни ја откри и приказната за името на синот, па вели: „Сања е Еврејка по мајка. Тие имаат седум варијации на името Мојсеј кај неа во фамилија. Моша е осми. Мене ептен ми се свиѓаше името, различно е и затоа јас предложив да се вика така“.

Низ муабетот ни откри дека не пие алкохол веќе пет години, што мисли за народната музика, ама и за љубовта со поранешната Мис на Македонија и синот кој му е најголема гордост. Раскажа и за првиот концерт во 2003 година, кога настапи во клубот „Вулкан“, детство во Лисиче каде што ги сними првите песни, но и за тоа како е да биде средно од трите деца во семејството, имал ли комплекси поради говорот, колку пцуе приватно, како му било кога првпат слушнал своја песна на радио… гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

Scroll to Top