Со денови плачев поради навредите, сè уште сум жртва на сајбер-булинг, со Јана Бурческа за Евросонг и приватниот живот

Пејачката Јана Бурческа во 2017 година ја претставуваше Македонија на Евросонг во Киев. Оттогаш речиси и да не пее. Денес, публиката ја препознава како водител на емисијата „Плеј топ-10“ на Македонската телевизија. Неодамна Јана се соочи со негативни коментари по домашниот Избор за песна на Евровизија кога во јавноста се пишуваше сешто за облеката што ја носеа таа и нејзината колешка Александра. Вели, и по дванаесет години на сцената, сè уште не е имуна на навредите што ги чита за себе.

„Ќе излажам ако кажам дека ми беше сеедно. Со денови плачев по домашниот избор. Оттогаш поминаа три месеци, ама јас сум и понатаму жртва на сајбер-булинг и читам лоши и навредливи коментари“, вели Бурческа за „Репортер“.

Не е првпат таа да се соочи со негативни реакции од публиката. Кога пред пет години на Евросонг преку видеоразгледницата откри дека е бремена, а потоа и нејзиниот дечко Александар ја побара за жена во живо, пред неколку милиони публика тргна лавината лоши коментари. Некои одеа и дотаму што ја навредуваа нејзината неродена ќерка.

„Тоа можам да го објаснам само со еден збор – патологија, не знам кој би можел да навредува и проколнува неродено дете. Што е детето криво, навредувај ме мене“, вели Јана, па додава: „Не знаев дека Аце ќе ме бара за жена. Малку ми беше чудно што вечерта сакаше да носи костум, ама јас го натерав да се облече спортски. Облеката што ја носеше е на Дадар и фала му што ми го дотера момчето без јас да знам. По полуфиналето, реакциите во европските медиуми беа дека Македонија го украде шоуто, а кај нас имаше само критики“, искрена е Јана.

За искуството во Киев и колку беше разочарана што не пееше во финалето, Бурческа зборува со многу емоции. Но, и за тоа како од пејачка стана водителка, дали би ставила своја песна на топ-листата што ја води, за децата и за љубовта со Александар, гледајте го видеото…

Андријана Јовановска

Scroll to Top