Сопругот ме поддржува кога се разголувам

Поп-пејачката Наташа Малинкова неодамна го сврте вниманието на јавноста кога за време на ракометното првенство објави фотографија на која навива топлес за Македонија.

„Малинкова му ги покажа градите на Столе Стоилов“ беше сосема доволно да придвижи лавина од коментари на социјалните мрежи. Во интервју за „Репортер“ поп-пејачката на шега вели: „Ама и сопругот гледаше со мене, ние сме страсни навивачи, па решивме вечерта страсно да навиваме. Е откако ја објавивме фотографијата, на која навивам топлес, ама сум свртена со грб па реално градите не се гледаа, прочитав сè и сешто за мене“, искрена е Малинкова. Таа вели дека има целосна поддршка од својот сопруг во тоа што го работи, па и кога се фотографира малку разголена или провокативна, сè е тоа во контекст на нејзината музичка кариера.

„Јас сепак сум мајка на две ќерки, едната е веќе тинејџерка и како другарка ми е. Сите дома знаеме дека тоа што јас го правам професионално е сосема поинакво од приватното. Приватно јас сум мајка, и тоа строга, сопруга, жена“, вели Наташа.

Покрај нејзините хитови „Хај мама“ и „Ново време“, кон крајот на март планира да сними уште две нови песни за кои вели дека се ултрамодерни. А во план е и нов албум.

„Ако работата вистински ја сакате, мора де се носите со тоа. Со мојот автор Столе работам од 2008 година. Тој ги следи трендовите и моите нови песни се во модерен ритам затоа што мораме да ги запазиме светските трендови во музиката“, вели Малинкова.

Се потсети на времето на „Багаж“ со кого првпат се појави на сцената. Вели дека тоа биле убави времиња, кога имало многу манифестации, емисии, телевизии, па тие со својата музика лесно допирале до публиката.

„Беше тоа време кога бевме малку, ама квалитетни. Имаше настани, емисии, лесно ја промовиравме музиката. Тоа е времето кога македонската музика беше во зенитот. Беше навистина престиж да се пее на иста сцена со Калиопи, Каролина, Тоше, Лидија Кочовска… Сега, за жал, времињата се сменија. Трендовите се поинакви, ама мора да ги прифатиме“, додава Малинкова. Вели дека покрај новиот албум, планира наскоро да сними и дует со некои од нашите музичари.

Александра Георгиев

Scroll to Top