Совети од Едина Муса за совршено тело

Македонската кошаркара Едина Муса последниве месеци кошарката ја замени со фитнес. Сѐ уште е во дресот на „Вардар“, игра за македонската репрезентација, но фитнесот го смета за поголем предизвик. Таа работи и како персонален тренер, но е и фитнес-модел.

Откако стана фитнес-бикини во нашата земја, зимата ја претставуваше Македонија на Светското првенство во Франција и го освои 12. место. Не е лесно да се учествува на таков натпревар со оглед на тоа дека телото треба да се доведе до совршенство.

„Фитнесот бара многу труд, индивидуален, за разлика од кошарката, која е колективен спорт. И реално е поголем предизвик. Кога се подготвував за натпреварот во Франција, освен постојаните тренинзи, што немав проблем да ги издржам оти сум спортистка, морав многу да внимавам на храната. Е, тоа беше тешко“, искрена е Муса. Вели дека последните две недели внесувала многу малку калории, а трошела повеќе оти такви се правилата. На менито имало само 300 грама варана риба, без зачини или сол и многу салата.
„Тоа беше тешко да се издржи затоа што се исцрпев повеќе психички. Но, јас бев решена да успеам во ова“, вели македонската кошаркарка.

Како персонален тренер таа постојано работи со жени од сите возрасти. Сѐ повеќе дами сакаат да вежбаат, вели Муса.

„На тренингот ја правам програмата според потребите на клиентот. Но, не е само вежбањето, важна е и исхраната. Секоја жена би ја советувала да не се оптоварува со строга исхрана или ригорозни диети зашто така бргу се слабее, а потоа двојно се враќаат килограмите“, советува Муса. И додава: „Барем еден час е доволно да се има физичка активност каква и да било, сеедно дали фитнес, трчање, пилатес“, објаснува Едина Муса.

Таа ги советува жените дека покрај физичката активност, треба полека да се исфрлаат продуктите што дебелеат. „Значи, сѐ тоа нека оди постепено, а не одеднаш. За почеток да се намали храната што дебелее. Значи, лебот да се намали, па да се исфрли, потоа газираните пијалаци, шеќерите, а да се внесат некои други здрави продукти. Постепено се поминува кон здрав начин на исхрана, кој станува навика, и со текот на времето сфаќате дека не само физички туку и психички ќе се чувствувате добро“, советува фитнес-тренерот.

Муса вели дека по 21 ден, резултатите стануваат видливи.

Кошарката е нејзина прва љубов. Игра од 6 години. Таа е ученик на својот татко поради кого почнала да го тренира овој спорт. Ни откри дека сака да оди на театар, во кино или во маалско кафуле, а ретко во кафеана и диско. Освен што заздравува од повредата на коленото и се подготвува за претстојната кошаркарска сезона, ни откри дека има време и за себе и за љубовта.

Александра Георгиев

Scroll to Top