(Видео) Премиера во МНТ: „Најкратки драми на светот“ – претстава за тоталитаризмот, тегобноста, љубовта

На малата сцена во Македонскиот народен театар, на 25 ноември, во 20 часот, ќе се одржи премиерата на претставата „Најкратки драми на светот“, во режија на Трајче Ѓорѓиев. Станува збор за адапатција на 10 од вкупно 40 пиеси од исто толку автори од истоимената збирка издадена пред 20 години од драматургот Јован Ќирилов. Подготовките за премиерата се интезивираат, а актерите Нино Леви, Снежана Конески-Руси и Кире Ѓорески се речиси едногласни дека несекојдневниот концепт на претставата, која говори за тоталитаризмот, тегобноста, љубовта, бил голем актерски предизвик. Разговаравме на паузата од сценската проба, а тие се обидоа да ни ја доближат оваа жанровски несекојдневна претстава.

Според драматургот на претставата „Најкратки драми на светот“, Дарко Јан Спасов, од изборот на четириесетина пиеси од исто толку автори издвоени се десет кои со својата драматуршки фрагментирана форма градат една заокружена сценска слика – калеидоскоп низ кој се прави пресек на театарот од првата и дел од втората половина на претходниот век, а чии сврзувачки елементи се тоталитаризмот, недоразбирањето, тегобноста, зачуденоста, времето како не(с)фатлива категорија, општата состојбата на апсурд.

„Секоја од овие пиеси минијатури на Муза Павлова, Чехов, Хајнер Милер, Каринти, Фридман и други автори, од својата неконцизна основа го повикуваат хуморот како спас од вителот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата“, стои во сижето на драматургот.

Во претставата играат Снежана Коневски-Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски.
Сценографското решение е на Трајче Ѓоргиев и Татјана Блажевска-Христовска, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката е на режисерот и драматургот.

Ана Василевска

Scroll to Top