Владимир Четкар: Многу мои пријатели од Америка доаѓаат да го видат Охрид оти секогаш им кажувам дека е најубавиот град

By

Џез-музичарот Владимир Четкар следниот месец ќе оди на турнеја низ Америка. Ова е негова трета турнеја во САД од почетокот на пандемијата. Иако неодамна имаше неколку настапи низ Македонија, вели дека со душа ги чека концертите оти во годините со короната најмногу му недостигаат контактот со публиката и настапите во живо.

dobivaj vesti na viber

„Речиси имав супер концерт во Љубаниште, се погоди времето по неколку дождливи дена, па дојдоа и луѓе со кајчиња и беше магично доживување. Свирев и на џез-викендот во винарницата „Монастери“, а таму имаше гости од цела Македонија, ама и луѓе од Црна Гора. На моите концерти ми е исто толку убаво како и на публиката, можеби и поубаво“, раскажува тој.

Четкар со години живее на релација Америка – Македонија. Пандемијата го затекна во Њујорк. Едвај ги издржал тие осум месеци кога најголемиот дел од времето бил сам. За забава, секојдневно возеше велосипед и објавуваше видеа од празните улици на Менхетн и Тајмс сквер.

„Некогаш возев и во спротивна насока и со погледот нагоре, конечно ја видов архитектурата на Њујорк. Ама еден ден ми го украдоа велосипедот пред зграда. Едвај најдов да купам нов, немаше во продавниците. На крајот, во едно кафуле видов велосипед на ѕидот, па го прашав газдата дали ќе ми го продаде“, се сеќава Четкар.

За себе вели дека е авантурист и сакал да биде археолог кога ќе порасне. Иако денес ѝ е посветен на музиката, авантуристичкиот дух не го напушта. Каде и да патува во светот, секогаш изнајмува велосипед и тргнува да види повеќе од земјата и локалната култура. Но, на крајот, вели, најубаво му е во Охрид, градот во кој е роден и во кој пораснал.

„Оваа убавина ја нема никаде. На пријателите во САД постојано им раскажувам за езерото старо над милион години, за убавините на градот, за топлината во која сум растен и која е предноста да растеш во помал град, а тие дошле да го видат Охрид поради моите приказни. Но, да бидам искрен, ми пречи што сè се случува само преку лето, во тие два месеца. Градот има одлични услови и за зимски туризам“, искрен е Владимир.

Во разговорот за „Репортер“ зборувавме за сè: за музиката и колкава инспирација му е Охрид кога компонира, зошто му го откажаа настапот на „Пивофест“ во Прилеп, за времето кога беше студент на најпрестижниот колеџ за џез, „Беркли“. Но и за тоа како се справува со некултурните возачи кога е на велосипед, зошто во празниот Њујорк пееше изворни македонски песни и дали некогаш ќе ја скрати косата, гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

Ќе ви се допадне