Зборувам македонски во Лондон оти не сакам да го заборавам мајчиниот јазик: Симона Живковска, актерката од „Црната вдовица“, дојде во Скопје

By

Македонската актерка Симона Живковска (28) пред три години глумеше во „Црната вдовица“ со Скарлет Јохансон и во филмот зборува на мајчиниот македонски јазик. Тогаш преку ноќ, медиумите почнаа да пишуваат за девојката со македонско-карипско потекло, која е родена во Скопје, а повеќе од дваесет години живее во Лондон.

dobivaj vesti na viber

„Последен пат бев тука и лани за премиерата на ‘Црната вдовица’ ама фатив ковид и останав во карантин две недели. За Македонија ме врзуваат многу убави спомени, се сеќавам со брат ми се качувавме по дрва да береме цреши. На седум години се преселивме во Лондон и тогаш не го знаев англискиот јазик. Знаев само две работи ‘отвори врата” и ‘затвори врата’ и ако ме прашаа нешто, јас само тоа им одговарав. Мислам дека потоа поминаа 15 години пред да се вратиме првпат во Скопје“, вели Симона за „Репортер“.

Таа и овој пат во Македонија беше кратко, да погледне некој филм на „Браќа Манаки“ во Битола и да се види со семејството во Скопје. Тука ѝ се повеќето роднини, но и баба ѝ за која ја врзуваат некои од најубавите сеќавања од детството.

„Баба ми ме научи да правам мекици, таа ги прави најубаво од сите. Знам да направам и бурек и мусака. Порано кога доаѓав тука, вртев и филџан за да ми гледа на кафе. Знаеш, многу работи од Македонија ми фалат во Англија, ама најмногу симит погача. Никаде во Лондон нема симит“, раскажува Симона.

Иако потекнува од мешано семејство, на осум години првпат се нашла во непријатна ситуација оти таа и нејзиниот помал брат Борис немаат иста боја на кожата.

„Седевме на лулашки во Лондон и едно дете го закачаше брат ми. Јас како постара отидов да го одбранам и му кажав на детето да не го малтретира, а тоа ми вика: ‘Ама како ти е брат, тој е бел, а ти си потемна’“, се сеќава Симона, но вели не му замерила за реакцијата, оти тогаш биле деца.

Со семејството во Англија и денес зборува македонски. Вели: „Не сакам да го заборавам мајчиниот јазик, сакам да научам да го зборувам уште поубаво, а еден ден да глумам и во македонски филм“. Обожава македонска и српска музика. Нејзин роденден не може да помине без народно, а ги учи и другарките да ги пеат овие песни, па често ги објавуваат и видеата на социјалните мрежи.

Освен глумата, Симона тренира боречки вештини, пишува поезија, работела во машки затвор, а им помага и на девојки и жени кои се жртви на семејно и сексуално насилство. Сите овие приказни ги раскажува со многу емоции. Но и за тоа како реагираат луѓето во Македонија кога ќе им прозбори на македонски, зошто сака да се врати да живее во Скопје, ѝ било ли тешко како дете да најде пријатели во Англија, за првата улога во театарска претстава, серијата „Девилс“ во која глуми и Патрик Демпси, сака ли да глуми во Холивуд… Гледајте го интервјуто.

Андријана Јовановска

Ќе ви се допадне