Златко Јовановски: Додека децата ме исмејуваа, мајка ми ме убеди дека ми љубоморат оти сум роден да бидам ѕвезда

Модниот дизајнер Златко Јовановски, познат и како ЈЗЈ, си го исполни детскиот сон да креира за српската ѕвезда Јелена Карлеуша. Неговите модели таа ги носеше на насловната страница на списанието „Хелоу“. Сепак, вели Златко, настрана Јелена, негов сон е своите креации да ги претстави во Дубаи.

„Јас знам дека по Лондон и Кина, еден ден ќе имам ревии во Париз и Милано, не се сомневам во тоа, но сега целта ми е да се пробијам во Дубаи. Кога видов каква е модата таму, како сè блеска и е раскошно, во мој стил, знам дека морам да го најдам моето место таму“, рече Златко за „Репортер“.

Разговаравме во Тетово, каде што се наоѓа едно од неговите две модни ателјеа. Другото е во Скопје, каде што одамна живее. Иако е навикнат на животот во Скопје, Тетово не го дава за ништо на светот. Башка, вели тој, таму го прави најубавиот шопинг за облека оти може да се пазари.

„А бе ние во Тетово и јајцата на кантар ги мериме“, раскажува Златко за тетовскиот табиет.

„Јас знам дека ќе успеам каде и да одам зашто сум шлакнат и будала, а само таквите успеаваат. Отсекогаш знаев дека ќе имам светска кариера. Како дете се облекував поинаку од врсниците и тие ме исмеваа и ме навредуваа, ама мајка ми ме воспитуваше да верувам во себе. Ми велеше: Златко, тие ти љубоморат, ти си роден за ѕвезда“, искрен е Златко, кого го нарекуваат и најконтроверзниот македонски дизајнер.

Ја запознавме и мајка му Благица. Таа ни откри дека син ѝ отсекогаш ја сакал модата и дека таа му е неговата најголема поддршка. Златко има две сестри, едната е во Тетово, а другата во Милано, па целиот свој живот го минал со жени и со вкусовите која што да облече.

„Кога Моника се мажеше, Златко за мене го дизајнира фустанот, а за неа венчаница. Ми велеше: ‘Ако не ослабиш 5 килограми, нема фустан да ти направам’. открива мајката на ЈЗЈ за „Репортер“.

И ако од дете ѝ ги уништувал чаршафите дома кога му требало материјал за шиење, денес е врвен дизајнер, кој ја облече и Ава Макс.

За светските ѕвезди со кои Јовановски соработувал, која американска пејачка сака да седи во првиот ред ако има ревија во Лос Анџелес, колку пари троши на облека, како од ќебето на баба си направи капут… гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

Scroll to Top