Сергеј Караганов поранешен советник на Борис Елцин и Владимир Путин и кој во моментов се наоѓа на чело на невладиниот истражувачки центар во Советот за надворешна одмбрамбена политика во Москва, тврди дека во иднина постои голема можност да се случи нуклеарна војна.
Сергеј се поврзува со низа на клучни руски надворешнополитички идеи, од таканаречената Карагановова доктрина за правата на етничките Руси кои живеат во странство, до принципот конструктивна деструкција, позната и како Путинова доктрина.
Караганов и денес се смета за близок човек на Путин и на неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. За него се верува дека ги има формулирано голем број од идеите кои довеле до војната во Украина, иако сè до пред нападот, тој не се согласувал со идејата за долгорочна окупација на земјата.
Според него, со секој поминат ден се зголемува веројатноста за директен и нуклеарен конфликт.
„Како историчар знам дека членот 5 на НАТО договорот е безвреден. Според членот на секоја држава членка на Алијансата ѝ е овозможено да побара поддршка од другите членки. Но, никој не е должен да се бори во името на другите, а исто така пак и никој не може да биде сосема сигурен дека до такви ескалации нема да дојде. Познавајќи ја историјата на американската нуклеарна стратегија, со сигурност знам дека е малку веројатно дека САД ќе ја бранат Европа со нуклеарно оружје. Но, тука сè уште има шанса за ескалација и се надевам дека ќе биде постигнат некаков мировен договор меѓу Русија и САД и меѓу нас и Украина пред да продолжиме понатаму“, рече тој.
Ескалација во овој контекст за Караганов значи пораз или наводен пораз на Украина, така што Русија би ја исклучила егзистенцијалната закана.
„Постојат десетина места во светот каде Русите би можеле да влезат во директен конфилт со САД. Не би ја исклучил можноста од нуклеарна војна. Живееме во сосема нова стратешка ситуација“, рече Караганов.
Караганов кој го има добиено надимакот јастреб тврди дека на долгогодишното владеење на Западот во светската политика му дошло крајот. Во разговор со колумнист на New Statesman, тој ги откри своите ставови за војната, вклучувајќи ги и контроверзните изјави за украинската државност и денацификација, иднината на либералниот меѓународен поредок, но и застрашувачките предвидувања за тоа што може да се случи ако Русија ја загуби војната во Украина.
Караганов рече дека 25 години тврдел дека војната ќе избие ако НАТО и западната алијанса се прошират преку одредени граници и дека Украина ја детектирале како посебна чувствелна област.
„Ова сценарио го предвидов уште во 1997 година. Претседателот Путин во 2008 година рече дека ако членството на Украина во НАТо стане опција, тогаш Украина нема да постои. Но, никој не го слушаше. Така што, првата цел на воената операција е запирање на ширењето на НАТО. Додадени се уште две цели, една е демилитаризација на Украина, а другата е денацификација. Во руската влада постојат луѓе кои се загрижени поради пропаста на ултранационализмот во Украина до таа мера што мислат дека ќе почне да личи на Германија во триесетите години од минатиот век. Целта е република Донбас да се ослободи од осумгодишниото непрекинато бомбардирање“, рече Караганов кој признава дека лично не верува дека Зеленски е нацист. Поранешниот советник и лидер на Кремљ сугерира дека војната може да се случи за три или четири години, но тогаш најверојатно, таа ќе се случи на руска територија. Тој заклучува дека Кремљ одлучил дека ако треба да се бори, тоа да биде на територијата на соседната земја.
Тоа, како што вели тој, јасно укажува дека оваа војна не ја смета за борба против Украина, туку исклучиво против западната експанзија. Тврди дека не е сосема сигурен дека постои моќно украинско движење за граѓански отпор или пак дека тоа е составено само од млади луѓе кои се приклучуваат на армијата.
За него Украина има многу ограничена историја на државност и нема државотворна елита.
„Можеби еден ден ќе се роди украинската нација. Ќе бидам среќен ако Украинците имаат ефикасна, одржлива влада, за разлика од последните 30 години. Поради недостатокот на државотворна елита, тие беа апсолутни губитници по колапсот на Советскиот Сојуз. Моето предвидување е дека дел од Украина ќе стане пријателска држава на Русија, а другите делови може да се поделат. Полска со задоволство ќе врати некои делови, можеби Романците и Унгарците ќе се одлучат да го сторат истото, бидејќи унгарското малцинство во Украина е потиснато со другите малцинства. Но, во овој момент е тешко е да се предвиди. Оваа војна сè уште не е завршена и никој не знае како ќе се одвиваат работите“, рече Караганов.
Караганов признава дека не знае каков ќе биде исходот од оваа војна, но јасно му е дека Русија не може и не смее да си дозволи пораз.
„Ако добиеме чувство дека ја губиме војната, тогаш мислам дека постои дефинитивна можност за ескалација на конфликтот. Оваа војна е еден вид прокси војна меѓу Западот и остатокот од светот. Русија е, како и во историјата, претставник на останатите во Новиот Светски Поредок. Улогата на руската елита е многу висока. За нив тоа е егзистенцијална војна“, објасни тој.
Она што е особено застрашувачко е токму она што отстапува од мислењата и јавните пораки што се емитуваат на Запад. За тоа како нема да има директен конфликт меѓу Русија и НАТО.
Тој тврди дека со секој поминат ден се зголемува веројатноста за конфликт меѓу НАТО и Русија. За потсетување, војната во Украина влезе во вториот месец, а започна на 24 февруари.