Милијардерот Бил Гејтс денеска апелираше лековите за Ковид-19 и потенцијалната вакцина да бидат достапни за земјите и луѓето на кои им се најпотребни, а не за тие кои ќе платат повеќе.
При тоа тој истакна дека потпирањето на пазарните услови ќе ја продолжи смртоносната пандемија.
„Ако едноставно дозволиме лековите и вакцината да одат кај тие кои ќе платат најмногу, наместо кај луѓето и на местата каде што се најпотребни, ќе имаме подолга, понеправедна и посмртоносна пандемија“, изјавил основачот на „Мајкрософт“ во видеопораката емитувана за време на виртуелната конференција за коронавирусот што ја организираше Меѓународното здружение за борба против сида.
„Лидерите треба да ги донесат овие тешки одлуки за дистрибуција врз основа на еднаквост, а не само на фактори кои ги утврдува пазарот“, истакна Гејтс.