До 2030 светот ќе се соочува со 560 природни катастрофи секоја година, предупредуваат ОН

Климатски промени, емисии на стакленички гасови, глобално затоплување и неможност да се управува со ризикот, се дел од проблемите со кои ќе се соочи светот до 2030 година. Според Извештајот за глобална проценка на ОН за 2022 година, светот секоја година ќе доживува околу 560 природни катастрофи.

Извештајот покажува дека овие настани ќе ја погодат најмногу Азија. Тоа е област со најголем број население кое живее под националното ниво на сиромаштија: особено Филипините, Бангладеш, Мјанмар, Индија, Индонезија, Пакистан и Виетнам. Извештајот вели и дека Азија е регион силно погоден од климатските промени и во исто време одговорен за високите стапки на емисии на јаглерод во атмосферата.

Потврдата за ризикот доаѓа и од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина според кои само во 2021 година над 57 милиони луѓе биле погодени од климатски катастрофи и во најлошото сценарио мнозинството луѓе кои живеат во азиските држави ќе се соочат со смртоносни настани предизвикани од климатските нарушувања и неможноста да се справат со ризикот.

Според податоците на ОН, во периодот од 2010 до 2019 година, просечната годишна глобална емисија на стакленички гасови достигна највисоки нивоа во историјата на човештвото, дури и ако стапката на раст е забавена.

Двете главни азиски земји во однос на емисиите се Кина и Индија, кои ветија дека ќе го исфрлат јагленот од употреба на самитот на ОН што се одржа лани.

 

Scroll to Top