Исчезна братот на Ким Џонг-ун, човекот што би можел да го наследи на лидерското место на Северна Кореја

Исчезна братот на Ким Џонг-ун, Ким Џонг-чул, човекот што би можел да го наследи на лидерското место на Северна Кореја, пренесуваат медиумите. Тој последен пат бил виден во јавност во мај 2015 година на концертот на познатиот музичар Ерик Клептон во Лондон.

Експертите велат дека Џонг-чул е најсериозниот кандидат за налседник на Џонг-ун. Во случај на смрт на севернокорејскиот лидер на негово место ќе дојде неговиот постар полубрат.

Во последно време сè повеќе се шпекулира за здравјето на Ким и дека во случај на негова смрт него би го наследил Џонг-чул, човекот за кого странските, па и домашните служби, не знаат ништо. Ниту каде живее ниту со што се занимава.

„Во случај на смена на врвот неговото име сигурно би било на масата“, смета Грег Скарлатуи, извршниот директор за човекови права во Северна Кореја.

Доколку Ким Џонг-ун повеќе не може да владее, Работничката партија на Кореја, на која тој е лидер, ќе одлучи за неговиот наследник, а Ким Џонг-чул е добар избор затоа што е директен потомок на основачот на династијата, но, од друга страна, секогаш се сметал за слаб во однос на брат му.

„Ким Џонг-ун очигледно го толерира сè додека не му стои на патот“, рече Роберт Колинс, кој 30 години ги проучува прашањата за Северна Кореја во Сеул.

Ким Џонг-чул паднал во немилост кога татко му, Ким Џонг-ил, го означил како премногу женствен. Една година пред да почине тој го прогласил помладиот Ким за негов наследник. Се чини дека од тогаш женствениот брат не се експонирал во јавност, а последен пат е виден во мај 2015 година на концертот на познатиот музичар Ерик Клептон во Лондон.

Како негов голем фан тој бил и на неговите концерти во Германија во 2006 и во Сингапур во 2011 година. Некогашниот заменик-амбасадор на Северна Кореја во Велика Британија, Тае Џонг хо, кој во меѓувреме побегнал во Јужна Кореја, рече дека лично му ја организирал посетата на Ким Џонг-чул во Лондон, вклучувајќи ги и двата концерта на Клептон и престојот во луксузен хотел во кој една ноќ чини повеќе од 3.000 долари.

Семејството на Ким во Северна Кореја важи за еден вид светост. Многу е важно доколку сте член на семејството. Но, токму таквата работа доведе до одредена нетрпеливост во 2017 година кога Ким Џонг-ун го наредил убиството на својот друг постар брат – Ким Џонг-нам, кој тогаш важел за негов можен наследник. Тој ја платил цената на еден аеродром во Малезија кога две жени го испрскале со нервен гас.

Мајката на Ким Џонг-ун, на брат му Џонг-нам и на сестра му Ким Џо-џонг била третата жена на Ким Џонг-ил, а починала во 2004 година во Париз од рак на дојката. До која мера помладиот Ким врши притисок на својот постар брат засега не е познато, но се верува дека тој живее повлечено во Пјонгјанг. Наводно му било дозволено да свири на гитара со своите пријатели.

„Доколку Џонг-чул не прави проблеми, никој нема да го мрази“, рече Ким Тае-ву, поранешен претседател на Корејскиот институт за национално обединување.

Се смета дека братот на Ким е аполитичен и дека повеќе е заинтересиран за музика, а по критиките дека бил женкар, се слушале и приказни дека зел хормони за да се однесува помажествено.

Ким Џонг-чул е познат по својата изјава што ја дал на 15 години кога опишал во каков свет сакал да живее.

„Да имам свој идеален свет, не би дозволил оружје и атомски бомби. Би ги уништил сите терористи со холивудската ѕвезда Жан Клод ван Дам. Би ги натерал луѓето да престанат да се дрогираат. Дури и би го уништил зборот дрога за да може луѓето да заборават на него. Би ги натерал сите да добијат добри работи. Сите би биле среќни, нема да има повеќе војни, нема да има умирања, нема повеќе луѓето да плачат. Тогаш би го вовел правилото: Не верувај во Господ. Господ не помага и Господ го нема. Би ги натерал луѓето да веруваат во себе, а тие вредно ќе работат за својата среќа и за својот успех што ги чекаат во иднина. Би го натерал целиот свет да користи само еден јазик, кој би бил корејски, и би направил сите луѓе да имаат иста количина пари. Нема да има богати, нема да има сиромашни. Само во мојот идеален свет луѓето може да имаат слобода и да живеат многу среќно“, напишал под псевдонимот Чол Пак, а пренеле странските медиуми.

Од друга страна, сестрата на Ким, Џо-Џонг, практично е втората најмоќна личност во земјата. Таа ужива голема доверба во Ким Џонг-ун, а во Јужна Кореја е позната по нејзиниот остар јазик. Сепак, Ким Тае-ву смета дека тоа што е жена и понатаму претставува голема пречка во тамошната средина.

Има и такви што не сакаат жена да ја има водечката позиција во државата.

„Таа е опасност во најава. Дека севернокорејското општество ќе толерира жена лидер, малку е веројатно. Тоа би ја забрзала фракцијата внатре во елитата повеќе и од корупцијата“, рече аналитичарот Колинс за „Дејли бист“.

Токму незаинтересираноста за политиката и водењето на државата би можела да му биде од корист на Ким Џонг-чул затоа што е добро познато дека Ким Џонг-ун се ослободил од голем број од своите соперници, а некои од нив и ги убил.

За потсетување, тој го нареди убиството на вујко му Џанг Сонг-тек. Со тоа тој си ја осигури позицијата лидер, а многу бргу се покажал и како немилосрден владетел. Во последно време, пак, се појавија сè повеќе наводи дека имал сериозни здравствени проблеми, а имаше шпекулации и дека починал. По тоа, секогаш се појавуваше во јавноста, а многумина забележаа и дека изгубил повеќе од 20 килограми.

Неговиот поранешен личен готвач, Кенџи Фуџимото, во мемоарите напишал дека Ким Џонг-ил и неговиот син Ким Џонг-чул го фрлил во сенка и го оставил без тронот поради неговото ондесување како девојче.

 

 

Scroll to Top