Клетвата што го прогони кланот Кенеди, список на сите несреќи

Сѐ започнало кога Џозеф П. Кенеди Постариот одлучил во 1941 година на својата ќерка Розмери, која имала нарушено ментално здравје, тајно да ѝ се изврши лоботомија. Кај Џозеф постоел страв дека нејзината состојба ќе биде срам за семејството и дека ќе му наштети на неговата репутација. Операцијата не успеала и несреќната девојка повеќе никогаш не можела нормално да се движи и зборува.
Кланот Кенеди само еднаш во својата историја бил на највисоката извршна функција во САД, положбата на претседател, а тој мандат не бил целосен бидејќи бил прекинат со извршениот атентат врз претседателот Џон Кенеди во Далас, настан што ден-денешен останува мистерија за тоа кој бил атентаторот.

Кенеди биле еден од најмоќните политички кланови во САД. Од него излегувале сенатори, конгресмени, амбасадори, градоначалници. Кланот Кенеди влегува во политиката во 1884 година. Во периодот од 1947 година до 2011 година само еден член од семејството бил избран од страна на народот за една од сојузните функции, па потоа повторно тоа се случило во 2013 година. Сепак, една од најинтересните работи поврзана за тој клан што останала во свеста на луѓето како во Америка така и во светот е објавена како легенда, а станува збор за прочуената клетва на Кенеди. Ова е списокот со настани што ја поткрепуваат ваквата приказна.

1941 година над Розмери Кенеди, која имала ментално нарушено здравје, најстарата ќерка на Џозеф П. Кенеди Постариот и сестра на идниот американски претседател Џон Ф. Кенеди, сенаторот Роберт Ф. Кенеди и на Тед Кенеди, ѝ била извршена лоботомија во тајност. Ова се случило на инсистирање на татко ѝ кој стравувал дека нејзината состојба ќе биде срам за семејството и дека ќе ѝ наштети на репутацијата на Кенеди. Операцијата не успеала и Розмери повеќе никогаш не можела нормално да се движи и зборува поради што остатокот од животот го минала во специјална установа. Починала во 2005 година.

Нејзината сестра Јунис можеби била инспирирана од неа кога ја повела иницијативата да се организираат специјални олимпијади.

12 август 1944 година, Џозеф П. Кенеди Помладиот, предодреден за наследник на кланот, загинал во авионска несреќа над источен Сафок во Англија за време на операцијата на морнарицата, „Авил“, во Втората светска војна.

13 мај 1948 година, Кетлин Кавендиш, уште една ќерка на Џозеф П. Кенеди Постариот, која се омажила за Англичанецот Вилијам Кавендиш, маркиз од Хартингтон, загинала во авионска несреќа во Франција.

9 август 1963 година, Патрик Бувие Кенеди, најмладото дете на претседателот Џон Ф. Кенеди, умира два дена по прераното раѓање (кое се случило на 20-годишнината од спасувањето на татко му во Втората светска војна) поради респираторни проблеми.  Џеки не можела да присуствува на погребот затоа што сѐ уште закрепнувала од царскиот рез.

22 ноември 1963 година, американскиот претседател Џон Ф. Кенеди е убиен во атентат во Далас во сојузната држава Тексас од страна на Ли Харви Освалд, кој и самиот е убиен два дена подоцна од Џек Руби пред група телевизиски и новинарски екипи.

19 јуни 1964 година, сенаторот Тед Кенеди преживеал пад од приватниот авион, кој во тој момент го пилотирал неговиот пилот и уште еден помошник, несреќа во која двајцата членови на екипажот загинуваат. Од остатоците го извлекол сенаторот Бирч Бајх и на тој начин му го спасил животот. Кенеди морал неколку недели да мине во болница поради скршениот грб, продупчените бели дробови, скршените ребра и внатрешното крвавење.

5 јуни 1968 година, американскиот сенатор Роберт Ф. Кенеди, помладиот брат на Џон, е убиен во атентат од страна на Сирхан Сирхан во Лос Анџелес, веднаш по победата на калифорниските избори за претседател. Тој бил номиниран од страна на Демократската партија. Атентаторот до ден-денешен ја отслужува казната за доживотна робија во казнено-поправниот завод „Донован“ во округот на Сан Диего. Сирхан не е муслиман, туку палестински христијанин и православен.

18 јули 1969 година на островот Чапаквидик во сојузната држава Масачусетс дошло до инцидент во кој веќе споменатиот Тед Кенеди со автомобил случајно излетал од мостот во езерото, а во возилото останала заробена 28-годишната сопатничка Мери Џо Копечни. Мери работела како учителка и секретарка. За жал, таа се удавила. Тед успеал да се извлече од автомобилот, а подоцна признал дека побегнал од местото на несреќата. Во емисија јавно изјавил дека се сомнева оти врз неговата семејство Кенеди е фрлена некоја страшна клетва. Заработил два месеца условна казна.

13 август 1973 година, Џозеф П. Кенеди II, син на Роберт Ф. Кенеди, бил возач на теренско возило, доживеал удар, при што неговата сопатничка Пем Кели останала парализирана.

25 април 1984 година, 28-годишниот Дејвид А. Кенеди, четврто од 11-те деца на Роберт Ф. Кенеди, починал од предозирање со кокаин, кој го помешал со супстанцијата петидин, во хотелска соба во Палм Бич на Флорида.

1 април 1991 година, Вилијам Кенеди Смит, синот на Џин Кенеди Смит, најмладиот од ќерката на Џозеф П. Кенеди Постариот, е уапсен и обвинет за силување девојка на имотот на Кенеди во Палм Бич на Флорида. Подоцна е ослободен од обвинувањето.

31 декември 1997 година, Мајкл Лемојн Кенеди, шестото дете на Роберт Ф. Кенеди, загинува на скијање во Аспен во сојузната држава Колорадо.

16 јули 1999 година, Џон Ф. Кенеди Помладиот, син на убиениот претседател, загинал во авионска несреќа додека лично пилотирал со својот „пајпер“, кој се срушил во Атлантскиот Океан недалеку од местото Мартас Винјард. До несреќата дошло поради грешка во пилотирањето и дезориентација. Со него загинала и неговата сопруга.

16 септември 2011 година, Кара Кенеди, најстарото дете на сенаторот Тед Кенеди, умрела од срцев удар на 52-годишна возраст додека вежбала во сала во Вашингтон. Девет години претходно преживеала рак на белите дробови поради што дел од десното белодробно крило морал да ѝ биде отстранет.

16 мај 2012 година, Мери Ричардсоон Кенеди, втората сопруга на Роберт Ф. Кенеди Помладиот, извршила самоубиство во својот дом во Бедфорд во државата Њујорк.

Тоа е списокот на несреќи. Но, и понатаму не сме убедени дека постои клетва. Прво и основно: клетва?! Такво нешто не постои, зарем не?! А второ, многу работи од овој список се несреќи што кланот Кенеди им ги нанел на некој друг. Како тогаш може да биде клетва на Кенеди?.

 

Scroll to Top