Американката Мила Зинкова, која е пензионирана информатичарка, тврди дека санатата мраз во која удрил најголемиот брод од минатиот век, Титаник, не била единствената работа која довела до катастрофата во која загинаа повеќе од 1500 луѓе.
Причината поради која Титаник удрил во сантата мраз е поместувањето од неговиот курс, кој го предизвикала геомагнетната бура. Капетанот и неговите офицери немале точни отчитувања од магнетниот компас, кој не ја покажувал прецизно насоката кон север, вели Зинкова.
Во новата направена студија Зинкова наведува дека зад бродоломот стои сончев блесок во северната хемисфера.
Во ноќта на 14. април, 1912 година, кога бродот потонал, соларната активност била многу изразена. Соларната бура предизвикала грешка во магнетниот компас на бродот, кој не го покажувал прецизно магнетниот север, што довело до благо поместување од курсот.
„Малата грешка во компасот, зад кои би можела да стои геомагнетната бура, го поставила Титаник на пат кој довел до бродолом“, напишала Зинкова.
Титаник удрил во сантата мраз при благ ветер и релативно мирно море, тврди Зинкова.
Освен тоа, кога еден од офицерите од Титаник, Џозеф Боксал, испратил СОС сигнал, се работело за позиција која била 24 километри оддалечена од нивната реална локација. Спасувачкиот брод Карпатија, кој го примил сигналот, добил податоци за погрешна позиција.
Сепак нивниот екипаж некако успеал да стигне до Титаник со чамци за спасување.
Неколкуте преживеани тогаш сведочеле дека во времето на несреќата на небото имало аурора, необична светлина.
„Не бевме сигурни за тоа што го гледаме и веројатно само сакавме да видиме нешто во тој мрак“, раскажал еден од преживеаните патници Лоренс Бисли, додавајќи дека бледата светлина била присутна на небото некое време додека целосно не исчезнала.
„Во еден момент си помислив дека станува збор за поларна светлина“, раскажал Бисли.