Орбан: Луѓето што доаѓаат од Исток не се бегалци, туку економски мигранти

By

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју за германски „Билд“ повторно се осврна на бегалците утврдувајќи дека всушност се работи за муслимански освојувачи и економски мигранти.

Барателите на азил мораат да минат низ четири држави за да дојдат од Сирија во Унгарија. Ниту една од нив не е богата како Германија, но економски се стабилни.

„Тоа се Турција, Грција, Македонија и Србија. Тие луѓе не се загрозени во тие земји. Тие практично се економски мигранти“, порача Орбан.

Тој нагласи дека унгарскиот народ не сака мигранти, а неговата влада нема да направи нешто против волјата на својот народ.

„Ниту еден мигрант не сака да оди во Португалија. Сите сакаат да живеат во просперитетна Германија. Причината зошто тие луѓе се во вашата земја не е поради тоа што се бегалци туку затоа што го сакаат германскиот начин на живот.

Тоа е политички проблем за Европа, но и социолошки за Германија“, додаде Орбан. Потоа се осврна и на политиката на отворени врати на германската канцеларка Ангела Меркел.

„Никогаш не разбрав како хаосот, анархијата и илегалното преминување на границите може да направи нешто добро за држава каква што е Германија, на која се гледа како на најдобар пример на дисциплина и владеење на правото.

Бегалците извршија инвазија на Европа, тие не тропаа на врата туку илегално минаа низ неа.

„Мултикултирализмот е илузија, христијанските и муслимански друштва никогаш нема да се обединат“, заклучи Орбан.

Минатиот месец во Будимпешта заедно со Полска и Чешка го бранеле своето право да ги одбијат наметнатите бегалски квоти од страна на ЕУ, поради притисокот од Европската комисија.

И покрај предупредувањата на Европската комисија, три земји и понатаму продолжуваат со политиката на непочитување тврдејќи дека мигрантите претставуваат закана за јавната безбедност.

Во септември Унгарија објави дека оградата на нејзините граници со Хрватска и Србија ќе помогне да се намали приливот на мигранти за дури 99 проценти од 2015 година.

Граничната ограда во земјата во повеќе наврати била критикувана од страна на европските држави, како и од политичарите од ЕУ, но Будимпешта даваше отпор на притисокот да ја отстрани.

 

 

 

Ќе ви се допадне