Мало парче карпа кое американските астронаути го донесоа од Месечината повторно е вратено во Кипар, од каде исчезна пред половина век.
Парчето тежи 1,1 грам и беше изложено вчера по повод 50-годишнината од последното слетување на американскиот „Аполо“ на Месечината, кој беше дел од сегашната мисија „Артемис“, чија капсула „Орион“ се враќа на Земјата откако го обиколи Сончевиот Систем.
„Го имаме парчето за кое сметаме дека стигна во совршен момент, затоа што минаа 50 години откако беше донесено на Земјата“, рече Џорџ Данос, претседателот на Кипарската организација за истражување на вселената која е домаќин на изложбата.
Лунарниот примерок е спакуван во пластичен глобус со знамето на Кипар и плочка на која пишува: „Овој фрагмент е дел од карпата од долината Таурис Литро на Месечината. Служи како симбол на единство за човековите напори и носи со себе надеж на американскиот народ за мир во светот“.
Тоа се зборовите на астронаутот „Аполо 17“, Јуџин Сернан, кој рече дека каменот ќе биде „симбол на нашите чувства, чувствата на програмата „Аполо“ и симбол на човештвото: дека можеме во иднина да живееме во мир и хармонија. „Аполо 17“ беше последното летало од лунарната програма, а тројцата астронаути се вратија на Земјата на 19 декември 1972 година.
Каменот на Кипар е еден од 270 примероци донесени од Месечината во периодот од 1969 и 1972 година, кои администрацијата на тогашниот претседател на САД, Ричард Никсон, им го подари на други земји.
Но, парчето камен на Кипар исчезна за време на војната во 1974 година, кога е убиен американскиот амбасадор во земјата Роџер Дејвис. На крајот е вратен на НАСА и заклучен во трезор.
Конечно му е вратен на Кипар, благодарение на напорите на Данос и официјално ќе биде предаден на кипарскиот народ на свеченоста на 16 декември во Претседателската палата во Никозија.
Џозеф Гутејнц, инструктор од Универзитетот во Аризона и бивши истражител на НАСА, кој трагал по исчезнатите месечеви камња, за „Асошиетед прес“ рече дека примерокот од Кипар го зел роднина на американски дипломат кој е испратен во американската амбасада.
Гутејнц во 2009 година изврши притисок врз личноста која го имала каменот да ја направи вистинската работа и да го врати во НАСА, нешто што е и постигнато по петмесечни преговори.
„Многу од примероците кои се донесени од Месечината и се подарени на други земји, подоцна се украдени, уништени или изгубени“, рече Гутејнц.