Продавачка на ракови во Вухан е првата заразена со коронавирусот

Првото лице заразено со коронавирус е 57-годишната Веи Гуишиан, продавачка на ракови на пазар во кинескиот град Вухан, пишува „Дејли меил“, повикувајќи се на кинеските медиуми. Кинеските медиуми пишуваат дека Веи живеела во изнајмен стан на помалку од 500 метри оддалеченост од пазарот, а на 11 декември лани добила треска. Мислејќи дека е сезонски грип, таа отишла во блиската клиника полна со пациенти, но инјекциите што ги добила не помогнале.

Кинескиот центар за превенција и контрола на болести соопшти во јануари дека болните луѓе се заразиле од диви животни што се продаваат на пазарот во Хуанан како храна. Веи, за која се смета дека се заразила со КОВИД-19, болест предизвикана од коронавирусот САРС-КоВ-2, подоцна ги опишала симптомите што ѝ се појавиле.

„Бев уморна, но не како претходните години. Го добивам грипот секоја година, па затоа мислев дека е повторно грип “, рекла таа за „Пејпер“ откако е посочена како првиот болен од коронавирусот.

Таа раскажала дека продолжила да работи на пазарот додека била болна, а дури подоцна отишла во друга болница на Вухан, по второ мислење од доктор.

„Лекарот во 11. болница не можеше да сфати што не е во ред со мене, и тој ми даде апчиња“, рекла Веи, додавајќи дека пиела лекови, но не се чувствувала подобро. Потоа, таа се вратила во првата клиника за да добие инјекции.

„Се чувствував многу полошо од нив и се посрамотив. Немав доволно моќ и енергија“, раскажала. На крајот, таа отишла во една од најголемите болници во Вухан на 16 декември за да открие зошто не може да се опорави. Докторот во болницата ѝ рекол дека болеста од која страдала е „немилосрдна“ и дека примиле повеќе пациенти со слични симптоми кои престојувале на пазарот Хуан. „Тогаш веќе многу луѓе беа во болницата“, рекла Веи.

Според изјавата на Советот за јавно здравје на градот Вухан, издадена на 31 декември минатата година, Веи е една од првите 27 пациенти дијагностицирани со КОВИД-19. Меѓу овие 27 пациенти, 24 биле на некој начин поврзани со пазарот Хуанан.

Во изјавата се вели дека не се пронајдени докази дека КОВИД-19 може да се пренесе од личност до личност.

И покрај ова сознание, постојат теоретичари на заговор кои тврдат дека Веи не е првата заболена со коронавирусот, а дека идентитетот на првиот човек што е заразен со КОВИД-19, т.н. „Нулта пациент“ сè уште не е познат. Според нив, наводно првиот пациент е 70-годишен пензионер, прикован за кревет. Овој човек ги развил симптомите на 1 декември и претходно не бил во контакт со пазарот Хуанан.

Сепак, „Саут Чајна морнинг пост“ пишува дека доверливите владини информации покажуваат дека на 17 ноември е идентификувано првото лице на кое му е дијагностициран КОВИД-19. Седум недели потоа, кинеските власти први објавија дека откриле нов вирус. Карантин беше воведен во одредени градови два месеци по идентификувањето на првиот пациент. Необјавените податоци покажуваат дека пред 31 декември кинеските власти идентификувале најмалку 266 лица кои се заразиле со коронавирус. Во тоа време, локалните власти во Вухан казниле група лекари кои се обиделе да предупредат за болест слична на САРС, тежок акутен респираторен синдром.

Кинеските власти велат дека првиот пациент заразен со коронавирус се појавил на 7 декември.

Пекинг ги отфрли тврдењата дека Вухан е извор на пандемија, а шефот на тимот на експерт за здравствена криза  минатата недела негираше дека вирусот потекнува од Вухан, нарекувајќи ги ваквите тврдења неодговорни.

„Епидемијата на новиот коронавирус се случи во Кина, во Вухан, но тоа не значи дека Вухан е неговиот извор“, рече тогаш д-р. Џонг Наншан.

Scroll to Top