Рацете на западните лидери им се цели намачкани со сириска крв

Сирискиот претседател Башар Асад вети дека војната во Сирија нема да биде завршена додека сите терористи не бидат поразени вклучувајќи ги оние што имаат поддршка од Западот.

Тој ги обвинил некои од западните земји дека рацете им се намачкани со сириска крв.

Асад пред новинарите изјавил дека со фокусирањето исклучиво само кон ИСИС се одвраќа вниманието од другите терористички групи во Сирија кои биле поддржани од страна на Западот, како што е Фронтот Ал-Нусра, исто така позната како Јабхат ал-Нусра, филијалата на Ал каеда.

Тој објасни: „Тероризмот не се ограничува на Даеш (ИСИС). Даеш е само дел од тероризмот. И додека постојат терористички организации како Даеш, Ал-Нусра и организациите со други имиња, тоа значи дека сѐ уште сме во војна.

Војната против тероризмот во Сирија ќе биде завршена кога последниот терорист во Сирија ќе биде елиминиран, без оглед на името на неговата група. Тогаш навистина можеме да говориме за победа.

Разговорите за завршувањето на граѓанската војна во земјата, кои беснеат од 2011 година, дојдоа во слеп колосек на конференцијата во Женева во четвртокот кога делегацијата од опозицијата побарала од Асад да отстапи од своите намери.

Посебниот претставник на ОН за Сирија, Стафан де Мистура, изјави дека е пропуштена златна можност, а француската влада претходно ја обвини сириската влада за опструкција на мировните разговори.

„Франција од почетокот беше земја што го поддржува тероризмот во Сирија“, возврати Асад.

„Франција има раце намачкани со сириска крв и нема право да оценува каква било мировна конференција. Тие што го поддржуваат тероризмот немаат право да говорат за мир, а камоли да имаат право да се мешаат во сириските внатрешни работи. Сите нивни изјави не значат ништо за нас и немаат никаква вредност“, смета Асад.

Асад исто така имал остри зборови за Сириските демократски сили (SDF), кои ги поддржуваат САД, на чело со курдската милиција, која сега ги има под контрола подрачјата на истокот од Сирија.

„Сите оние што работат под наредба од која било страна во сопствената земја и против својата војска и луѓе се предавници, едноставно, без оглед на нивните имиња“, изјави тој и дополни дека нивната процена е дека тие групи работат за Американците во Сирија.

Но, сирискиот лидер изјави дека сериозно ја цени вредноста на соработката на неговата земја со Русија и се радува на новиот круг на разговори во Сочи, кои имаат цел да расправаат за новиот сириски устав и претстојните избори.

Додаде дека сириската влада исто така ги поздравува ОН и настојувања на меѓународната заедница да донесат мир во Сирија додека се почитува сирискиот суверенитет.

„Секоја улога на ОН на претстојните избори мора да се темели на Повелбата на Обединетите нации, која го нагласува суверенитетот на Сирија и одлуката на сирискиот народ.

„Не сме загрижени за која било улога на ОН и можеме да речеме дека се добредојдени сѐ додека го почитуваат сирискиот суверенитет, а сѐ што задира во тој суверенитет ќе биде одбиено“, изјави Асад.

 

 

 

Scroll to Top