ЦИА ја објави својата НЛО-архива: 3.000 страници за вонземјани се достапни на интернет

By

Централната агенција за разузнавање (ЦИА) објави голема архива со документи за неидентификувани летачки објекти и вонземјани на веб-страницата „Црниот трезор“ (The Black Vault). Документите се целосно достапни за преземање и читање, пренесува „Њузвик“.

Објавената архива на ЦИА содржи документирани податоци кои американските власти ги нарекуваат „Неидентификувани воздушни феномени“. Овие податоци датираат од 1980-тите години до сега. Иако ЦИА тврди дека ги дала на увид сите документи што ги поседува, од „Црниот трезор“ велат дека и понатаму ќе истражуваат за скриени документи што не им ги дала владата.

Веб-страницата „Црниот трезор“ го користи Законот за слобода на информации за да добие декласифицирани владини документи.

„ЦИА ја има најголемата колекција од документи за НЛО и конечно успеавме да дојдеме до неа по години поминати со испраќање формални барања. Иако тие тврдат дека ова е ‘финална и целосна архива’ од документи на оваа тема, истрагата ќе покаже дали има некои документи кои агенцијата сѐ уште ги чува во тајност“, вели Џон Гринвалд јуниор, креаторот на „Црниот трезор“.

Благодарение на Гринвалд, јавноста и ентузијастите за НЛО сега можат бесплатно да ги преземаат или читаат документите. Оваа архива е посебна и одделена од извештајот за НЛО што го составуваат федералните агенции под Законот за овластување за разузнавање, а кој се очекува да биде објавен во наредните шест месеци.

„Архивата е достапна на порталот од минатата среда, а оттогаш илјадници луѓе ги преземаа документите. Иако некои од нив не се во најдобра состојба, горд сум на мојот успех“, вели Гринвалд.

Ќе ви се допадне