Уапсени лица вмешани во атентатот на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризад

Уапсени се неколку лица вмешани во атентатот на иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризад, пренесуваат светските медиуми. Ова го соопштил советникот на претседателот на иранскиот парламент, а го пренесе новинската агенција ИСНА, пишува „Ројтерс“.

„Сторителите на овој атентат, од кои некои се идентификувани и уапсени од безбедносните служби, нема да избегаат од правдата“, соопштил советникот на претседателот на иранскиот парламент, Хошеин Амир Абдолахаин, за иранската телевизија „Ал Алам“.

Иранскиот научник Фахризад, кого Западот го означи како главен креатор на тајната нуклеарна програма за вооружување, беше убиен на 27 ноември во близина на Техеран.

Иранските официјални лица тврдат дека Израел стои зад нападот, а секретарот на иранскиот Врховен совет на националната безбедност, Али Шамахи, на 30 ноември изјавил дека Израел за убиството на воениот нуклеарен научник користел далечински електронски уред.

Властите на Иран на 2 декември соопштиле дека го откриле идентитетот на лицата вмешани во атентатот и убиството на Фехризад, но не се откриени повеќе детали.

Мохсен Фехризад бил шеф на истражувачкиот центар за нова технологија во елитната Револуционерна гарда и бил водечка фигура на иранската нуклеарна програма.

Scroll to Top