(Видео) Мистериозен монолит се појави во Јута, Романија и Калифорнија

По Јута и Романија, нов мистериозен монолит сега се појави на врвот на планина во Калифорнија. Ова е трета мистериозна структура која се појавила во последните недели, откако првите две беа забележани во државите Јута и Романија.

Монолитот, кој првично се појави во Јута, со својата појава ја скокотна фантазијата на јавноста и ги поттикна приказните за присуство на вонземјани. Веста за него беше пренесена во речиси сите светските медиуми. Тој брзо потоа исчезна од пустината во Јута и се појави во Романија.

Сега на крајот се појави и во Калифорнија. Новиот монолит, кој наликува на структура од филмот „Одисеја во вселената 2001“, на Стенли Кјубрик, бил откриен од страна на мештаните, во средата утрото, на планината Пајн во Атаскадер, во Калифорнија.

Гари Лионс, кој редовно планинари таму, го снимил монолитот, откако случајно налетал на него во пустината. Екоактивистите го срушија минатиот петок монолитот во Јута, тврдејќи дека тоа место привлекувало туристи, заедно со ѓубрето и загадувањето.

Исчезнатиот монолит во Романија засега останува мистерија. За разлика од монолитот во Јута, новиот откриен во Калифорнија не бил прицврстен за земјата и се чини дека на врвот бил шуплив, пренесува „Раша тудеј“.

Сè уште останува голема мистерија кој ги направил и ги поставил овие монолити.

Scroll to Top