Во Африка пронајдени докази дека вонземјани ја посетиле Земјата

Во студијата направена во Центарот за молекуларна биофизика во Франција (CNRS) научниците откриле вонземска органска материја која, како што велат, била заробена во вулканските карпи во планината Маконџва во Јужна Африка. Материјата е стара три милијарди години.

Од раната историја на Сончевиот Систем, Земјата била бомбардирана од метеори и друг вид вселенски карпи, а според некои теории, со нив пренеле материи и организми кои го овозможиле продолжувањето на животот на Земјата.

Откриената вонземска органска материја во планините на Јужна Африка, само ја потврдува оваа теорија, велат научниците.

„Ова е првпат да пронајдеме реални докази за вонземски јаглерод во земјените карпи“, изјавил Франсес Вестал, астробиолог од CNRS.

Во вулканско лежиште во регионот на планината Маконџва, истражувачите откриле плиток слој на карпи кој покажувал некакви абнормални карактеристики. Меѓу нив постоеле два вида нерастворени вонземски органски материи, што претставува најстара органска материја од вонземско потекло  пронајдена на Земјата, пренесуваат медиумите во Канада. На некои од карпите пронајдени се и наночестички од никел, хром и железо, нешто што не е вообичано кај карпите што настанале на Земјата.

„Овој факт сугерира дека споменатиот слој камења се појавил благодарение на сударите со вселенските карпи кои доаѓаат длабоко од вселената“, објаснил Дидие Гурие, водечкиот автор на студијата и истражувач од истражувачкиот универзитет „ПСЛ“.

Научниците заклучиле дека вонземската органска материја паднала на земјата со микрометеорите кои се помешале во атмосферата со вулканскиот пепел, а потоа биле заробени во вулканските карпи на планината Маконџва во Јужна Африка.

Scroll to Top