Ако пропаднат преговорите за брегзит, Британија останува без храна и лекови

Постојат три сценарија ако преговорите на Велика Британија и ЕУ за брегзит бидат прекинати секој момент.

До нив стасале новинарите на „Сандеј тајмс“. Тие ги откриле и велат дека најлошото од нив носи и соодветно име – Армагедон.

Ни оние поволните не даваат подобра слика затоа што според нив пристаништето Довер ќе пропадне само еден ден по брегзит и поради тоа земјата би останала без храна неколку дена, а без лекови во период од две недели.

Од кабинетот на Тереза Меј во понеделникот ја демантирале ваквата приказна, што целосно е разбирливо со оглед на содржината на тој документ затоа што благо речено тој претставува катастрофа за островот.

„Во тој случај припадниците на РАФ би морале да транспортираат лекови во најоддалечените краишта на нашата земја. За жал, ни тоа не би траело бидејќи набргу потоа би останале без гориво“, изјавил извор од британската влада за „Тајмс“.

Министерот за внатрешни работи, Саџид Џавид, изјавил дека извештаите што „Сандеј тајмс“ ги објавил се хистерични и дека ни во најлошиот ноќен кошмар не би можел да го смисли Армагедон-сценариото.

„Убеден сум дека ќе постигнеме договор со Брисел, но исто така се подготвуваме и за можноста тој договор да пропадне“, вели тој.

 

Scroll to Top