Бајден им даде рок од 90 дена на американските разузнавачи да го истражат потеклото на коронавирусот

Американскиот претседател Џо Бајден, им нареди на разузнавачките агенции да го истражат појавувањето на ковид-19. Тој побара од нив поголема ажурност и да ги зголемат двојно напорите, а резултатите од извештаите да му ги достават за деведесет дена.

Ваквите негови барања дојдоа по сè поголемите контроверзи кои се појавија во јавноста околу потеклото на ковид 19.

Вирусот беше откриен во кинескиот град Вухан на крајот на 2019 година. Оттогаш се потврдени над 168 милиони случаи и се пријавени најмалку 3,5 милиони смртни случаи ширум светот.

Првите случаи на заразени лица беа поврзани со пазарот за морска храна во Вухан. Некои од научниците се сомневаа дека вирусот е пренесен од животни на луѓе.

Но, американските медиуми во последно време сугерираат дека има сè повеќе докази дека вирусот излегол од лабораторија во Кина. Пекинг ги осуди овие извештаи во американските медиуми и сугерираше дека вирусот можеби излегол од американската лабораторија.

Scroll to Top