На прв поглед, атентатот на еден човек во 1963 година и убиството на илјадници други лица во 2001 година немаат многу заеднички работи. Британецот Питер Скот тврди дека зад овие два настани во историјата на САД стои „длабока политика“.
Во својата книга „Воени заговори: Џ.Ф.К., 9/11 и длабоката политика на војна“, тој ја опишува „длабоката политика“ како таен договор што се креира врз основа на главните настани.
Тие не се планови на една заговарачка група, туку се формираат од луѓе кои се на власт. Скот наведува неколку клучни тврдења за тоа како се поврзани двата настана. Прво напоменува дека во двата случаи клучните високи членови на власта биле надвор од земјата.
Тој исто така вниманието го свртува на инсајдерското купување на берзите во пресрет на двете трагедии, нешто што за Скот е доказ дека некои специјално одбрани луѓе знаеле однапред што ќе се случува на сцената.
Сличностите исто така се однесуваат и на идентитетите на виновниците за злосторствата. Осомничен за убиството на Кенеди бил Ли Харви Освалд.
Харви многу брзо по инцидентот бил идентификуван врза основа на стари податоци што не одговарале на неговиот реален изглед во тоа време. За Скот тоа значи дека Освалд однапред бил одреден за главен виновник во овој случај.
Слично на тоа, списокот на киднапери на авионите што се срушија во Кулите близначки е објавен на 11 септември, четири минути пред летот „Јунајтед 93“ воопшто да влезе во Пенсилванија.
Скот вели дека независни истражители откриле документи за кои тврдат дека се направени пред 11 септември. Тоа значи дека американските известувачки агенции испланирале однапред што ќе се случува.
Во 1963 Освалд бил опишан како напаѓач кој дејствувал сам. Многумина се сомневаат во ова, па до ден денес постојат разни теории на заговор за тоа кој всушност пукал во претседателот Кенеди.
Скот укажува дека американската влада на идентичен начин користела реторика во описот на терористичкиот напад направен врз Кулите близначки во 90-тите години и оној на 11 септември 2001 година.
Скот тврди дека и во двата случаи вмешана била американската влада. Теориите на Скот се базираат на податоците што ги добил за човек по име Ел Саид Носер. Носер во 1990 година го обучувал Али Мухамед, еден од киднаперите на авионите што беа срушени на 11 септември.
„Полицијата го прогласи Носер за ‘осамен пукач’ и тврдеше дека тој дејствувал сам кога го ликвидирал Меир Кахан, основачот на Еврејската одбранбена лига. И тоа беше кажано кога беа откриени доказите за опремата за изработка на бомба. Со тие докази можеше да се осуди и Мухамед во тоа време“, вели Скот.
За Скот ова е доказ дека приказната за „осамен пукач“ е американски инструмент кој властите го користат со цел да заштитат некого.
„Освалд необјасниво бил тргнат од листата на ФБИ во 1963 година, на која биле сите лица кои требале да добијат зголемен надѕор поради нивната безбедност“, вели Скот.
Скот прави споредба со случајот за 11 септември, за кој тврди дека ЦИА со месеци криела од ФБИ дека двајца терористи кои учествувале во нападот во 2001 година стигнале во САД уште во 2000 година.
„Не им укажале поради ‘задржување на информациите’“, вели Скот.
За Скот клучен момент и еден од најважните фактори во двата случаи се војните кои потоа следат. По смртта на Кенеди, ангажирањето на американската војска во Азија е засилено.
Тоа доведува до војна во Виетнам. Слично на тоа, по нападите на Америка на 11 септември 2001 година, Американците ги напаѓааат Авганистан и Ирак. Почнуваат злосторствата во кои гинат околу стотина илјади луѓе.