Девојка ја нашла својата двојничка, па ја убила за да ја лажира сопствената смрт

Дваесет и тригодишна девојка од Германија, со потекло од Ирак, Шарабан К. ја нашла својата двојничка на „Инстаграм“ и потоа со помош на пријател jа убила за да ја излажира сопствената смрт. Ова го соопштија од обвинителството во Баварија.

Телото го нашле минатиот август во паркиран „Мерцедес“ во местото Инглоштад, на југот на Германија.

Жртвата првично била идентификувана како Шарабан К. 23 годишна козметичарка од Минхен, со корени од Ирак. Иако некои од членовите на нејзиното семејство ја идентификувале, извештајот од обдукцијата следниот ден покренал голем број прашања за нејзиниот идентитет.

Жртвата на крај била идентификувана како Кадижа О, блогерка од Алжир која живеела во соседната држава Баден-Виртемберг. Од полицијата соопштија дека и двете имале долга и црна рамна коса, сличен тен и шминка, и дека многу си личеле.

Затоа и голем број од медиумите во Германија случајот го нарекоа убиството на двојничката.

Обвинетата го извршила злосторот со Шаќир К. 23 годишен Албанец од Косово и Метохија. Била задржана во притвор од страна на полицијата на 19 август 2022 година. Властите немаа објавено детали за случајот сè до оваа недела.

„Истрагата не наведе да претпоставиме дека обвинетата сакала да се сокрие поради семеен спор и да ја лажира сопствената смрт“, рече Вероника Гризер од канцеларијата на државниот обвинител во Инглоштад.

Полицијата рече дека Шарабан контактирала неколку жени кои личеле на неа, недела дена пред убиството.

„Се обидела да организира состаноци, но безуспешно“, рече Гризер.

Кадижа се согласила да се состане со неа, намамувајќи ја со козметички услуги, пренесе „Гардијан“.

Двајцата наводно ја собрале со „Мерцедесот“ од пред нејзиниот стан ден пред убиството. Ја однеле во шумата во делот меѓу Хајброн и Инглоштад, каде ја убиле.

„Оружјето не е најдено, но доказите се недвосмислени“, рече портпаролот на полицијата Андреас Ајкел за „Билд“ и додаде дека жртвата била избодена повеќе од 50 пати и дека лицето и било унаказено.

Обвинителите рекоа дека телото и го ставиле на задното седиште од „Мерцедесот“, а потоа го однеле во Инголштат, каде го паркирале „Мерцедесот“ во стамбениот дел на брегот покрај Дунав. Возилото го откриле родителите на Шарабан, на полноќ на 16 август 2022 година.

„Ваков случај не се гледа секој ден, особено со таков спектакуларен пресврт“, рече Ајкел за „Билд“ и додаде дека кога го нашле телото, не им навестило ништо дека случајот ќе има ваква завршница.

 

Scroll to Top