Најпознатиот сериски убиец во историјата Џек Мевосек бил Арон Космински, полски бербер. Ова го тврдат научници од Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул.
Научниците дошле до ваквов заклучок анализирајќи ги ДНК-трагите од едно парче облека, на која била откриена ДНК, која подоцна било утврдено дека му припаѓа на полски мигрант и на една од неговите жртви Кетрин Едоуз.
Шалот на жртвата
Тимот на форензичари што го предводеле доктор Јари Лухелаинен и доктор Дејвид Милер го испитал шалот што бил пронајден покрај телото на Едоуз, четвртата од петте жртви на убиецот од Вајтчепел. Биле откриени траги од полскиот мигрант, па оттука дошле до заклучок дека тој бил неидентификуваниот сериски убиец.
Космински живеел со братот и сестрата во улицата Гринфилд, на 200 метри од местото каде што била убиена третата жртва, Елизабет Страјд.
„Првиот пат систематски и на молекуларно ниво биле анализирани докази поврзани со убиството на Џек Мевосек. Откривањето на два генетски профила на шега ја зголеми статистички можноста за идентификација и укажува на тоа дека шалот е автентичен“, се наведува во трудот на научниците.
Ова не е првпат Космински (1865-1919) да се нашол на списокот на можни виновници за пет убиства што се случиле во квартот Вајтчепел во периодот меѓу 31 август и 9 ноември 1888 година.
Покрај него, меѓу осомничените биле и адвокатот Монтегју Џон Друит (1857-1888), берберот Северин Клосовски (1865-1903), рускиот хирург Мајкл Острог (1833-1904) и чизмарот Џон Пизер (1850-1888).
Сите овие лица биле испрашувани од страна на „Скотланд јард“. Сепак меѓу осомничените кои не биле сослушани бил принцот Алберт Виктор Кристијан Едвард, внукот на кралицата Викторија и втор наследник за британскиот престол.
Жртвите на лондонскиот сериски убиец
1. Мери Ен Николс (43) петок, 31 август, 1888 година. Џек Мевосек ѝ го пресекол вратот.
2. Ени Чепмен (47) сабота, 8 септември, 1888 година. Џек Мевосек ѝ ја пресекол главата.
3. Елизабет Страјд (45) недела, 30 септември, 1888 година. Била пронајдена со исечен врат во двор на една зграда. На неа не биле утврдени никакви други повреди.
4. Кетрин Едоуз (46) недела, 30 септември, 1888 година. Телото ѝ било пронајдено без глава, цревата ѝ биле поставени на десното рамо, додека бубрегот бил одземен.
5. Мери Џејн Кели (45), петок, 9 ноември, 1888 година. Телото ѝ било исечено на повеќе делови. Била убиена во кревет во нејзиниот дом, а органите ѝ биле расфрлани на сите страни.