Американскиот претседател Доналд Трамп изјави неодамна за тоа како во Северна Кореја се создаваат долги редови за бензин по новите рунди санкции кои едногласно беа усвоени во Советот за безбедност на Обединетите нации, а со кои на таа земја ѝ се ограничува увозот на сурова нафта.
Неговата изјава многу бргу беше оценета како необична со оглед на тоа дека се работи за земја во која мнозинството жители не поседуваат автомобил.
Острата реакција на меѓународната заедница следуваше кога Северна Кореја изведе шест и досега најсилни нуклеарни теста на почетокот на септември, а иако најновите санкции против Северна Кореја предизвикаа повисока цена на нафтата, многу докази одеа во прилог на американските тврдења дека таа земја економски е задушена и дека луѓето панично купуваат бензин, пишува „Гардијан“.
Трамп деновиве на „Твитер“ најпрвин се шегуваше со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун пишувајќи дека синоќа разговарал со претседателот на Јужна Кореја кој го прашал како се чувствува како ракетен човек. „Долги редови за бензин се создаваат во Северна Кореја“, продолжи потоа Трамп.
Претходно слично изјави и американската амбасадорка во ОН, Ники Халеи, која изјави дека неодамнешните санкции ја отсекоа Северна Кореја од светот.
Но, администрацијата на Доналд Трамп ги оспорува експертите што тврдат како санкциите во редукцијата на нафта и таквиот вид притисок на севернокорејската економија нема да биде доволен таа земја да ја промени својата надворешна политика.
На санкциите досега се побунија кинеските трговци, кои тргуваат по должината на границата со Северна Кореја и се жалат дека ограничениот пристап на горива им влијае негативно на прекуграничната трговија. Но, визијата на Трамп за долгите редови на бензинските пумпи изгледа навистина чудно во земја во која многу мал број луѓе воопшто поседуваат автомобили, а каде што главно се возат воени и државни лица.
Северна Кореја тргува нафта со Кина
Иако е тешко да се говори за прецизни бројки, се смета дека Северна Кореја има сѐ на сѐ од 250.000 до 300.000 автомобили, а во соседната Јужна Кореја повеќе од 20 милиони.
Повеќето лични автомобили се увезени од Кина, но за повеќето од жителите на Северна Кореја тие сѐ уште финансиски се недостижни. Во последно време забележлив е и пораст на бројот на возила во Пјонгјант и тоа најмногу меѓу претприемачите и трговците, но сопствеништвото е подложно на строги контроли.
Автомобилите во таа земја мора да се регистрираат кај државните претпријатија или војската, а на жените наводно им е забрането да возат, освен во исклучителни ситуации.
Санкциите на ОН опфаќаат и забрана на кондензиран и течен природен гас, ограничување од два милиона барели годишно на преработени нафтени производи и ограничување на увоз на нафтата на постојното ниво, па Северна Кореја во моментот тргува со Кина и тоа низ дотраен 30-километарски гасовод.
Експертите главно се согласуваат со тоа дека санкциите на ОН, најверојатно, нема да имаат значително влијание врз програмата на нуклеарното оружје во Северна Кореја, што се наведува и во извештајот на „Наутилус“, американскиот институт за безбедност и одржливост.
Без нафта би можеле да преживеат и до една-две години
„Северна Кореја бргу ќе се снајде со комбинацијата на дополнителната енергетска ефективност, која ќе се испорача до крајните потрошувачи, рамни резови и замена на разни облици на енергија кои не се нафта“, пишува во извештајот.
Дури и кога Кина би го преполовила својот моментен извоз на нафта во Северна Кореја, „режимот во Пјонгјанг би реагирал со пресекување на военото користење нафта, повторно без никакво влијание врз нуклеарната програма“, се дополнува во извештајот.
Во домовите ќе има помалку светла, а оние што возат автомобили ќе бидат принудени да ги туркаат своите возила или да одат пеш, така што овие санкции најмногу ќе влијаат на цивилното население чие користење на нафтените производи е помалку значајно за севернокорејскиот режим од користењето во воените цели.
„Севернокорејскиот народ толку навикна да живее во тешки економски услови што и без нафта би можел да живее и една година. Истовремено, постојните резерви на нафта се распоредени меѓу елитата, а возилата и тракторите би се замениле со животинска сила и човечки труд“, вели Чун Јунг-ву, поранешен јужнокорејски висок дипломат.