Претседателот на САД би можел повторно да се кандидира за претседател на наредните избори, во 2024 година, ако сега изгуби од Џо Бајден, тврдат извори блиски до републиканецот.
Поранешниот советник на Трамп, Брајан Ланза, за „Би-би-си Радио 4“, изјавил дека претседателот можеби ќе влезе во трката за изборите кои ќе се одржат за четири години.
„Евентуалниот тесен пораз би можел само да го охрабри Трамп повторно да се кандидира, а републиканците веројатно би се согласиле со тоа. Бајден можеби ќе добие можност да ја води Америка низ пандемијата на коронавирусот, а ќе видиме дали ќе биде успешен во тоа. Така што, не постои никој меѓу републиканците кој би го предизвикал Трамп на партиските избори“, изјавил Ланза.
Угледниот весник „Бизнис-инсајдер“ дојде до слични сознанија за тоа дека Трамп најверојатно ќе се кандидира повторно, ако сега изгуби од Бајден.
„Мислам дека Трамп повторно ќе се кандидира во случај на пораз“, пренесува „Бизнис-инсајдер“, повикувајќи се на неименуван извор од редовите на републиканците.
Трамп на наредните избори ќе има 78 години, па се поставува прашањето дали републиканците ќе дозволат тој да се кандидира повторно.
„Не сум некој фан на Трамп, но не сум ни против него. Кога ќе ја погледнете неговата механика, тој го освои Супербол, МВП и Оскарите, иако ја изгуби трката за претседател“, изјавил еден републиканец за „Бизнис-инсајдер“.