Европа ја очекува драматичен временски пресврт, откако по повеќедневниот бран студ и арктички температури, во наредните денови се прогнозира нагло затоплување низ голем дел од континентот.
Според пишувањето на theguardian.com�, температурите во земји како Франција и Англија би можеле да пораснат и до 15 степени во споредба со минатата недела, додека во Шпанија и Португалија се очекуваат температури над 30 степени Целзиусови.
Изминатата недела поголем дел од Европа беше под влијание на силен студен бран предизвикан од комбинација на антициклон над северниот Атлантик и циклон над јужна Скандинавија, што донесе арктички воздух кон југот на континентот.
Температурите во многу региони беа и до 15 степени под просекот за овој период од годината, а студот предизвика сериозни проблеми за земјоделците. Во Франција, лозарите палеле огнови меѓу лозјата во обид да ги спасат насадите од мраз.
Во исто време, нестабилното време предизвика и бројни невремиња низ Европа. Само меѓу 11 и 16 мај биле регистрирани околу 750.000 удари од гром, додека во Србија беа издадени црвени предупредувања поради силен ветер, обилни врнежи и град.
Метеоролозите сега најавуваат целосен пресврт. За време на викендот циклонот се поместил кон северозападна Европа, со што северното струење ослабело, а ветровите почнале да носат потопол воздух од запад и југ.
Се очекува во текот на неделата антициклон да се зајакне над западна Европа и да повлече топол воздух од северна Африка кон континентот.
Во меѓувреме, екстремни временски услови се регистрираат и во Соединетите Американски Држави. Во делови од северозападот на земјата, каде минатата недела температурите достигнуваа околу 30 степени, сега се очекуваат снежни бури.
Во државите Вајоминг, северен Колорадо и североисточен Јута се прогнозираат и до 46 сантиметри снег, додека ветрови со брзина до 96 километри на час би можеле да создадат услови за снежни наноси и опасен сообраќај.
На југозападот од САД се издадени предупредувања за опасност од шумски пожари поради силен ветер и ниска влажност, додека на истокот се очекуваат силни грмотевични бури и можна појава на торнада.






