„Гугл“ ги шпионира своите корисници. Ова го открива американската агенција „Асошиетед прес“ во своето најново истражување. „Гугл“ го следи движењето преку мобилните телефони, дури и ако експлицитно му нагласите тоа да не го прави.
Од ваквата узурпација на приватноста погодени се речиси две милијарди корисници на уреди со системот „Андроид“, како и стотина милиони корисници на телефоните „ајфон“.
Многу сервиси на „Гугл“ на „андроидите“ или „ајфоните“ бележат податоци за локацијата на корисниците. Ова се случува дури и кога корисникот го нагодува апаратот дека не ја сака таа опција.
Ова го потврдуваат и истражувачи од Priceton.
Во повеќето случаи „Гугл“ однапред бара дозвола за откривање на вашата локација. На пример, апликацијата „Гугл мапс“ се активира кога почнувате да ја користите навигацијата. Тогаш службите во „Гугл“ ве потсетуваат дека треба да им дозволите пристап да ја дознаат вашата локација.
Но, ако подолго време ја користите оваа алатка, тогаш „Гугл“ ќе ви ја покаже историјата на вашето движење во временска линија. Таквото меморирање на дневното движење на луѓето носи со себе ризик. Полицијата често го користи и за да ја одреди локацијата на осомничените.
Од „Гугл“ велат дека корисникот може да ја исклучи опцијата „Историја на локација“ и на тој начин компанијата ќе нема можност да памти каде се наоѓал корисникот.
Агенцијата АП ги негира ваквите наоди како неточни. Дури и ако ваквата опција е исклучена, одделни апликации на „Гугл“ ги складираат локациите, без да го прашаат корисникот за тоа, тврдат од АП.
Критичарите наведуваат дека инсистирањето на „Гугл“ да го следи движењето на корисниците произлегува од желбата да ги зголеми приходите од огласувањата.