Комета во форма на вселенски брод ѝ се приближува на Земјата

Годинава на 20 јули астрономите забележаа кометата што се приближува кон Земјата. Астрономите велат дека повторно ја забележале откако наеднаш и необјасниво осветлила, односно станала сто пати посветла.

Станува збор за кометата 12P/Pons-Brooks која официјално е откриена во 1812 година, а која неодамна поради отцепување на остатоците од мраз почнала да наликува на Милениумскиот сокол, односно вселенскиот брод од научно фантастичниот филм „Војна на ѕвездите“.

Во моментов, кометата сè уште е надвор од орбитата на Марс, а најблиску ќе се приближи до Земјата на 2 јуни 2024 година.

„Сигурно ќе стане уште посветла, како што е случај и со другите комети кога ќе се приближат до Сонцето“, рече за „Бизнис инсајдер“, Ричард Милс од Британската астрономска организација.

Треба само да се напомене дека оваа чудна форма на комета нема да биде видлива со голо око, ниту ако ја набљудувате со двоглед или послаб телескоп. Ако одлучите да ја барате на ноќното небо, веројатно ќе ја видите како мала светла точка или дамка.

Астрономите сè уште не се сигурни зошто кометата, која орбитира околу Сонцето на секои 71 година, наеднаш се осветлила толку драматично во последните неколку недели. Милс верува дека причината за ова може да биде активниот леден вулкан на нејзината површина.

„Тоа што има течност во кометата е нешто со кео научниците не можеа да се помират со децении. Но, кога ќе ја погледнеме, не можеме да си дадеме друго објаснување освен дека внатре има течност заедно со цврстите супстанции и гасови“, рече тој.

Милс претпоставува дека сјајот настанал откако сончевата светлина се рефлектирала од исфрлениот материјал од ледените вулкани. Познато е дека кометите се непредвидливи“, вели астрономот Џанлука Маси од проектот „Виртуелен телескоп“.

На пример, кометата 29P/Schwassmann-Wachmann еруптираше четири пати по ред во 2021 година и приреди спектакуларно шоу.

Маси шпекулира дека оваа необична форма на потковица, која потсетува многу на Милениумскиот сокол, се должи на сенката од прашината која кометата ја остава зад себе.

Астрономот Кери Холт од Универзитетот во Мериленд за Scientific American рече дека досега исфрлила околу 10 милијарди килограми прашина и мраз во вселената.

Иако научниците знаеле за вакви настани со векови, на Холт сè уште му е прилично чудна формата на коментата и се надева дека дополнителните набљудувања за време на нејзиното приближување до Сонцето ќе ја објаснат оваа необична форма на потковица.

Какво и да е објаснувањето, секако не се вонземјани кои решиле да го отстранат невидливиот штит од нивниот вселенски брод и да го објават нивното пристигнување, велат астрономите.

За потсетување кометата е откриена во 1812 година, а покрај Земјата поминува на секои 70 години. Снимена е во 1884 и 1954 година, а ниту еднаш досега за време на нејзиното поминување покрај Земјата, сме немале остварен контакт со малите зелени вонземјани.

Scroll to Top